Системот на социјална заштита во Северна Македонија

Системот на социјална заштита во Република Северна Македонија е регулиран со следните главни закони:

 

Според регулативата во овие овие закони, MK-MOD Моделот за даноци и надоместоци ги моделира следните права од социјалната заштита:

 

  1. Гарантирана минимална помош

Право на гарантирана минимална помош има домаќинoство кое е материјално необезбедено и не поседува имот и имотни права од кои може да се издржува.

За материјално необезбедно се смета домаќинство чија вкупна просечна висина на приходи по сите основи во последните три месеца пред поднесување на барањето за остварување на правото е пониска од висината на гарантираната минимална помош, утврдена со овој закон.

Висината на правото на гарантираната минимална помош се пресметува како основица за еден член на домаќинството, зголемена за коефициент од еквивалентната скала за другите членови на домаќинството, а најмногу за вкупно пет члена во домаќинството. Основицата изнесува 4.000 денари месечно, а за секој следен
полнолетен член на домаќинството основицата се зголемува согласно со еквивалентна скала и тоа за: вториот член за коефициент од 0.5, третиот член за коефициент од 0.4, четвртиот член за коефициент од 0.4 и петтиот член за коефициент од 0.2. За дете член на домаќинството основицата се зголемува за
коефициент од 0.1.

Еквивалентна скала се зголемува за коефициент од 0.5 за самохрана жена за време на бременоста еден месец пред породувањето и самохран родител до започнување на основното образование на детето, но најдоцна до седум годишна возраст на детето, а заклучно до третото дете. Еквивалентна скала се зголемува за лице кое е неспособно за работа поради интелектуална попреченост, телесна попреченост, душевно заболување или
поради трајни промени во здравствената состојба, но најмногу до три члена во домаќинството и тоа за првиот член за коефициент од 0.5, за вториот член за коефициент од 0.2, за третиот член за коефициент од 0.2.

Гарантираната минимална помош се исплатува во висина на разликата од утврдениот износ на гарантираната минимална помош и вкупните просечни месечни приходи по сите основи на домаќинството, остварени во последните три месеци.

Домаќинство кое користи гарантирана минимална помош, остварува паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, за месеците од октомври до март. Месечниот износ на висината на додатокот изнесува 1.000 денари.

 

  1. Надоместок заради попреченост

Надоместок заради попреченост се обезбедува за поттикнување социјална вклучување и еднакви можности на лице кое е:

  • со тешка или длабока интелектуална попреченост,
  • со најтешка телесна попреченост,
  • потполно слепо лице и
  • потполно глуво лице.

 

Надоместок заради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65 годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот.

Висината на месечниот надоместок заради попреченост изнесува:

  • 7.204 денари за лице со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, или потполно слепо лице
  • 4.117 денари за потполно глуво лице.

 

  1. Надоместок за помош и нега од друго лице

Право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице има лице над 26- годишна возраст, со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги задоволува основните животни потреби, доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.

Висината на надоместокот за помош и нега од друго лице се утврдува во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице. Висината на месечниот надоместокот за помош и нега од друго лице во поголем обем изнесува 4.475 денари, додека во помал обем изнесува 3.959 денари.

 

  1. Надоместок на плата за скратено работно време (поради нега на дете со телесни или ментални пречки во развојот)

Правото на надоместок на плата за скратено работно време поради нега на дете со попреченост и најтешки облици на хронични заболувања родителот го остварува во центарот за социјална заштита, без оглед на
возраста на детето. Висината на надоместокот  изнесува 50% од просечната нето плата на родителот за претходната година, но најмногу до 50% од просечната нето плата во Република Северна Македонија за претходната година.

 

      5. Други социјални додатоци

Другите додатоци вклучуваат додаток за домување, траен надоместок и еднократна парична помош.

Правото на додаток за домување се обезбедува на материјално и станбено необезбедени лица, односно корисник на гарантирана минимална помош и лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и без родителска грижа, односно и по престанување на старателството, а најмногу до 26 годишна возраст. Износот на додатокот за домување го определува Општината.

Право на траен надоместок има згрижувач кој згрижувал лице во своето семејство и родител кој се грижел за детето со попреченост. Висината на трајниот надоместок за згрижувачот изнесува 8.000 денари месечно.

Еднократна парична помош или помош во натура се доделува на лице или на семејство кое се нашло во состојба на социјален ризик, како и на лице и семејство заради претрпена природна непогода или епидемија и подолго лекување во здравствена установа на член на семејството. Износот на едконратната парична помош се движи од 4.500 до 180.000 денари, зависно ризиците кои ги компензира.

 

        6. Детски додаток

Право на детски додаток се обезбедува на дете, државјанин на Република Северна Македонија, кое е на редовно школување во Република Северна Македонија.

Право на детски додаток се обезбедува на дете до наполнување на 18 години живот. Право на детски додаток има дете во семејство чии месечни приходи по сите основи во домаќинството се пониски од 6000 денари за еден член,  за останатите членови по еквивалентна скала и тоа за вториот 0,5, за третиот 0,4, за четвртиот 0,4, за петтиот 0,2, за шестиот 0,1, за седмиот 0,1, за осмиот 0,1, а најмногу до осум членови, а за самохран родител еквивалентната скала се зголемува за 0,5.

Висината на правото на детскиот додаток зависи од бројот на децата во семејството и возраста на децата. Дококу во семејството нема дете односно деца кои се на училишна возраст, висината на правото за едно дете изнесува 1200 денари месечно, додека за две и повеќе деца  во семејството изнесува 1900 денари месечно. Дококу  во семејството има дете, односно деца кои се на училишна возраст, запишани  во училишта во Републиката,  висината на правото за едно дете изнесува 1000 денари месечно додека за две и повеќе деца изнесува 1600 денари месечно. Доколку во  семејството  има две и повеќе деца, и ако едно од децата е на  училишна возраст запишано во училиште во Републиката, висината на правото изнесува 1600 денари месечно.

Максималниот износ на детски додаток што може да го прима едно семејство изнесува 2.415 денари.

 

      7. Посебен детски додаток

За дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години живот се обезбедува посебен додаток како паричен надоместок.

Право на посебен додаток има еден од родителите на детето, старател или лице на кое со решение на надлежниот центар за социјална работа му е доверено детето и живее во семејството со него, со постојано место на живеење во Република Северна Македонија, ако е детето државјанин на Република Северна Македонија со постојано место на живеење во Република Северна Македонија до навршени 26 години живот, доколку не е институционално згрижено на товар на државата.

Висината на посебниот додаток изнесува 4.202 денари.

  • Износот на посебниот додаток се зголемува за 50% и изнесува 6.303 денари за самохран родител кој има дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години живот.
  • Износот на посебниот додаток се зголемува за 25% и изнесува 5.252,50 денари за материјално необезбедени родители, кои се корисници на социјална парична помош и постојана парична помош кои имаат дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години живот.

 

      8. Додаток за новороденче

Еднократна парична помош за новороденче се обезбедува на семејство за прво и  второ новородено  дете. Право на користење на еднократна парична помош за новороденче има еден од родителите, државјанин на Република Северна Македонија со постојано место на живеење во Република Северна Македонија за дете родено на територијата на Република Северна Македонија. Висината на еднократната парична помош за прво новороденче изнесува 5.000 денари, а за второ новороденче 20.000 денари.

Родителски додаток за дете остварува мајка за своето трето живородено дете. Правото го остварува мајка која е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Република Македонија последните три години пред поднесување на барањето. Родителскиот додаток за трето дете се исплатува месечно, за период од десет години. Висината на правото е во износ од 8.362,00 денари. Правото на родителски додаток за трето дете ќе се остварува доколку вкупниот просечен приход на семејството на мајката по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето за остварување на користење на правото и во текот на користењето на правото е понизок од висината на минималната нето плата утврдена за претходната година.

 

      9. Додаток за образование

Додаток за образование се обезбедува заради покривање на дел од трошоците на домаќинството поврзани со редовна посета на задолжително образование на децата.

Право на додаток за образование има домаќинство со дете кое е на редовно школување во основно или средно образование во училишта во Република Северна Македонија верификувани од Министерството за образование и наука  и запишани во Централниот регистар на Република Северна Македонија, чија вкупна просечна висина на приходи по сите основи во последните три месеца пред поднесување на барањето во домаќинството се пониски од  6000 денари за еден член, за останатите членови по еквивалентна скала и тоа за вториот 0,5, за третиот 0,4, за четвртиот 0,4, за петтиот 0,2, за шестиот 0,1, за седмиот 0,1, за осмиот 0,1, а најмногу до осум членови,  а за самохран родител еквивалентната скала се зголемува за 0,5, доколку домаќинството не поседува имот и имотни права од кои може да се издржува.

Исплатата на додатокот за образование ќе се врши на мајката, за чие дете/деца се исплатува додатокот за образование за тековната наставна година.

Висината на образовниот додаток изнесува 700 денари месечно за ученик во основно образование и 1.000 денари месечно за ученик во средно образование во текот на учебната година. Годишниот износ на  додатокот за образование за  основно образование во учебна година по дете изнесува 8.400 денари, а за средно образование во учебна година по дете  изнесува 12.000 дeнари.

Исплатата на правото за образование ќе се врши се додека детето го исполнува условот за присуство на наставата од 85%, од реализираните наставни часови за секој од мерните периоди, предвидени со овој закон, а за корисниците на гарантирана минимална помош и  додека  домаќинството го користи ова право

 

      10. Социјална пензија

Право на социјална сигурност за старите лица, лицето го остварува ако:

  • има државјанство на Република Северна Македонија;
  • има постојано место на живеење во Република Северна Македонија во последните 15 години пред поднесување на барањето;
  • нема во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржува;
  • не е корисник на пензија од Република Северна Македонија или вид на исплата по основ на старост, инвалидност или доживување од друга држава и
  • не остварило приходи по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето.

Условите за имотната состоба, користењето друга пензија и имањето други приходи се однесуваат и за брачниот другар или лицето со кое живее во вонбрачна заедница.

Висината на месечниот износ на правото на социјална сигурност за старите лица изнесува 6.000 денари. Корисникот на правото на социјална сигурност за старите лица, има право на паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, за месеците од октомври до март, во износ од 1.000 денари месечно.

 

      11. Паричен надоместок во случај на невработеност

Право на паричен надоместок има невработено лице кое било во работен однос најмалку девет месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци.

Право на паричен надоместок има невработено лице за времето поминато во работен однос, за кое се уплатувани придонеси од задолжително социјално осигурување и тоа:

  • во работен однос со полно работно време;
  • во работен однос со неполно работно време, пресметано во полно работно време;
  • во работен однос на определено време (сезонска работа) подолго од 40 часа во неделата, ако тоа време му е пресметано во работен стаж и
  • за работа во странство.

 

За остварување право на паричен надоместок како време поминато во работен однос не се смета времето за кое невработеното лице примало паричен надоместок.

Висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се утврдува врз основа на пресметаните и исплатени плати кај работодавачот согласно со закон, колективен договор и договор за вработување и изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеца за лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеца, а за лице кое има право на паричен надоместок подолго од 12 месеца, паричниот надоместок за првите 12 месеца изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеца, а за преостанатото време 40% од просечната месечна нето плата. Надоместокот не може да изнесува повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Републиката, објавена за последниот месец.

Паричниот надоместок на невработеното лице се исплатува:

  • еден месец, ако има стаж на осигурување најмалку девет месеца во непрекинато траење или 12 месеца со прекин во последните 18 месеца;
  • два месеца, ако има стаж на осигурување над 18 месеца до две и пол години;
  • три месеца, ако има стаж на осигурување над две и пол до пет години;
  • четири месеца, ако има стаж на осигурување над пет до седум и пол години;
  • пет месеца, ако има стаж на осигурување над седум и пол до десет години;
  • шест месеца, ако има стаж на осигурување над десет до дванаесет и пол години;
  • седум месеца, ако има стаж на осигурување над дванаесет и пол до 15 години;
  • осум месеца, ако има стаж на осигурување над 15 до седумнаесет и пол години;
  • девет месеца, ако има стаж на осигурување над седумнаесет и пол до 20 години;
  • десет месеца, ако има стаж на осигурување над 20 до дваесет и две и пол години;
  • единаесет месеца, ако има стаж на осигурување над дваесет и две и пол до 25 години и
  • дванаесет месеца, ако има стаж на осигурување над 25 години.

 

На невработеното лице кое има над 15 години стаж на осигурување, а на кое му недостасуваат најмногу до 18 месеци пред исполнување на услови за стекнување право на старосна пензија, паричен надоместок му се исплатува до неговото вработување, односно до настапувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок.

Facebook

Get the Facebook Likebox Slider Pro for WordPress