ФТ Став бр. 48 за предизвиците на носителот на политиките во сферата на трудот и социјалната политика

Finance Think го честита изборот на новата Министерка за труд и социјална политика.

Изборот на новата Влада и Министерка за труд и социјална политика се случува во период кога економијата ги чувствува последиците од ширењето на коронавирусот Ковид-19 со силен интензитет. Според нашата Студија за политиките 30: Социјалните и економските ефекти од ковид-19 врз децата во Северна Македонија: Брза анализа и препораки за политиката, ефектот од пандемијата врз детската сиромаштија е проценет на 4 процентни поени (пораст од 29.3% на 33.3%), додека ефектот врз вкупната сиромаштија се очекува да биде од слична големина*. Истовремено, по децениското намалување, невработеноста забележува зголемување за над 15.000 лица помеѓу февруари и мај 2020**, иако според проценките од Finance Think (види Бриф за политиките бр. 41: Дали беше неопходна финансиската поддршка на фирмите за задржување на работните места во време на Ковид-19?), владините мерки за борба со економските ефекти од Ковид-19 спасиле околу 60.000 работни места од затварање.

Оттука, главниот предизвик за новата Министерка за труд и социјална политика е санирање на последиците од пандемијата врз животниот стандард на населението, со цел влошувањето на сиромаштијата, губањето на работните места и намалувањето на можностите за вработување да бидат што помали. Во таа насока, правците на дејствување на Министерката во следните домени се од клучно значење за пазарот на труд и системот на социјална заштита.

Прво, Владата се обврза на минимална плата од 20.000 денари во 2024 година. Ова е особено важно ако се има предвид дека моменталната минимална нето плата изнесува 14.928 денари, а нејзиното зголемување е во спротивност со моменталниот притисок на пазарот на труд во поглед на невработеноста. Дополнително, според нашата евалуација на изборните програми во социјалниот домен (види Квалитет на живот 4: „Може ли економијата да ги издржи економските изборни ветувања?“), минимална плата која е конзистентна со порастот на продуктивноста – за што повика и ММФ во Завршниот извештај од мисијата сврзана со Член 4 – во 2024 година изнесува 16.228 денари.

Второ, Владата се обврза на просечна плата од 34.000 денари во 2024 година. Иако, во моментот, пандемијата не предизвикува значајни негативни ефекти врз платите (види последен податок за плати), со исклучок на неколку дејности, а што веројатно во голема мера се должи на субвенционирањето на придонесите (види график), според нашите проекции, просечната плата во 2024 се очекува да достигне 30.961 денари. Според тоа, ја повикуваме Министерката да образложи врз кои основи ќе растат минималната и просечната плата во претстојниот период и дали Владата опстојува на предизборните износи.

Трето, консолидацијата на пензискиот систем е неопходно да продолжи по воспоставената патека од 2019 година, која беше прекината во 2020. Тоа подразбира дека пензиите ќе се усогласуваат со трошоците на живот, со цел одржување на животниот стандард на пензионерите. Предвиденото зголемување на минималната пензија на 10.700 денари ќе изврши неповолно влијание врз пензискиот дефицит, но ефектот нема да биде драстичен. Во секој случај, Министерката е неопходно да ја продлабочи дебатата за пензиската реформа во следните 5 години, во насока на корекциите кај повеќе параметри, како износот на пензиите, заменските стапки, висината на пензискиот придонес, возраста за пензионирање, итн., со цел на среден рок значајно да се зајакне одржливоста на пензискиот систем.

Четврто, реформата на системот на социјална помош и социјални услуги во периодот 2017-2019 година изврши позитивни ефекти врз социјалната заштита на ранливите категории граѓани (види Студија за политиките 31: Социјалните услуги во општините во Северна Македонија: Капацитет, ризици, потреби). Сепак, во оваа област остануваат неколку предизвици: 1. подобрување на таргетирањето на социјалната помош треба да биде перманентен процес, со цел таа да стигнува до оние на кои им е најпотребна, а со цел искоренување на апсолутната сиромаштија во земјата; 2. подигнувањето на системот за интегрирано управување со случај останува предизвик, главно во поглед на поврзувањето на Центрите за социјална работа и Центрите за вработување, со цел лица кои се во системот на социјална помош, а кои се работоспособни, да може побрзо, полесно и посоодветно да се активираат на пазарот на труд и да најдат вработување. Оваа функција на системот е особено важна во и по периодот на Ковид-19 криза, со оглед на растечкиот број лица кои остануваат без работа, и дел од кои ќе спаднат под системот на гарантирана минимална помош; 3. процесот на деинституционализација – еден од најуспешните скорешни процеси во сферата на социјалната политика – да се доведе до целосно заокружување.

Петто, кризата со Ковид-19 откри една слаба алка во системот на социјална заштита – осигурувањето во случај на невработеност. Според моменталното законско решение, право на паричен надомест од невработеност стекнуваат само лицата кои изгубиле работа по вина на работодавачот, но не и оние кои изгубиле работа по своја вина или кои спогодбено го напуштиле работното место. Дополнително, сегашната поставеност доделува помош за многу краток временски период и прелиминарните наоди*** покажуваат дека ефектите не се различни од нула. Посткризниот период треба да се искористи за ревизија на Законот за осигурување во случај на невработеност, со цел да се дизајнира решение кое ќе врши вистинска социјална заштита кај лица кои остануваат без работа, а истовремено нема да го дестимулира понатамошното барање работа ниту ќе поттикнува долги периоди на фрикциска невработеност. Во истата насока, претстојниот период треба да се искористи за реоценка на ефектите од активните мерки за вработување и нивно прилагодување кон променетите потреби и на работниците, на невработените лица, и на работодавачите како резултат на пандемијата.

Шесто, децата, младите и жените, да останат во фокусот на Министерката, како категории кои се сметаат за ризични и ранливи и на пазарот на труд и во социјалната заштита. Фокусот врз децата треба да биде ре-воспоставен, особено имајќи предвид дека нашата Студија за политиките 30: Социјалните и економските ефекти од ковид-19 врз децата во Северна Македонија: Брза анализа и препораки за политиката најде дека ниедна од мерките за справување со последиците од Ковид-19 не беше директно насочена кон децата. Кај младите, првенствено е потребно да се изврши ригорозно оценување на прелиминарно-позитивните ефекти од проектот „Гаранција за млади“, а потоа да се согледа дали е неопходно негово калибрирање кон условите зададени со Ковид-19. Кај жените, амбицијата за родова еднаквост во македонското општество треба да продолжи, првенствено преку дизајнирање нова Стратегија за родова еднаквост, а потоа и преку конкретен сет од мерки со кои таа ќе се поттикнува и негува. Некои неодамнешни придобивки – најзначајно, елиминирањето на суровиот родов јаз во платите (види график) и сведувањето на прилагодениот родов јаз во платите на само 8% во 2019 (види график) – неопходно е да се одржат.


* Finance Think работи на проценка на ефектите од Ковид-19 врз сиромаштијата во Северна Македонија и резултатите се очекува да се објават кон крајот на септември 2020.
** Податоците по мај 2020 не се достапни во време на објавување на овој ФТ Став.
*** Симулации на ефектите од надоместот во случај на невработеност, кои Finance Think ги изведе во МК-МОД Микросимулациски модел за даноци и надоместоци – се`уште необјавени.

ФТ Став бр. 47 за предизвиците на носителот на политиките во сферата на финансиите

Finance Think го честита изборот на новиот Министер за финансии.

Изборот на новата Влада и Министер за финансии се случува во период кога економијата ги чувствува последиците од ширењето на коронавирусот Ковид-19 со силен интензитет. По „затворањето“ на економската активност во април и мај 2020, се очекува БДП да искуси пад од 12.7% во вториот квартал, според проекциите на Finance Think од април 2020. Економската активност почна да заздравува од јуни 2020, но потенцијалното засилување на пандемијата есента 2020 ќе го зголеми и ризикот за остварување на бруто домашниот производ, трговијата и вработеноста. Паралелно, падот на буџетските приходи и потребата да се финансираат здравствениот сектор и мерките на Владата за справување со пандемијата, го зголемиja проектираниот буџетски дефицит на 6.8% за 2020, додека јавниот долг на крајот од вториот квартал 2020 се зголеми на високи 59.5% од БДП.

Оттука, главниот предизвик за новиот Министер за финансии е санирање на последиците од пандемијата врз економијата и јавните финансии, со цел ублажување на очекуваниот економски пад за 2020 и обезбедување план за понатамошно прудентно менаџирање на буџетот. Притоа, фискалниот простор кој беше оценет како тесен и пред пандемијата, сега е понатамошно и значително намален, што ја нагласува потребата тој да се гради одново во пост-Ковид-19 периодот. Ова е особено важно од перспектива на потребата буџетот да обезбеди потенцијална поддршка на:

  1. Ревитализацијата на економијата, преку евентуална дополнителна поддршка на најпогодените дејности (особено услугите во угостителството и туризмот; види најранливи сектори во економијата);
  2. Ревитализација на економијата, преку идентификација на пунктовите кои може да бидат носители на растот во пост-Ковид-19 периодот (на пример, поддршка на извозно-ориентираните компании во освојувањето нови пазари или во катализирање нови инвестиции во земјата);
  3. Други нови или дополнителни мерки, како што е, на пример, потребата да се поддржат работодавачите кои ќе овозможат отсуство на работници со цел грижа за деца во училишна возраст до 10 години кои нема да посетуваат настава. За ова, укажавме и во нашата неодамнешна Студија за политиките 30: Социјалните и економските ефекти од ковид-19 врз децата во Северна Македонија: Брза анализа и препораки за политиката.

Справувањето со последиците од пандемијата неминовно ја зајакнува потребата од понатамошна консолидација на јавните финансии. Притоа, консолидацијата, покрај преку буџетското штедење, мора да продолжи во насока на рационализација на расходната страна на буџетот, вклучително и преку елиминирање секакви можности за нерационално и коруптивно трошење. Рационализацијата на расходите треба да се фокусира врз елиминација на трошења чиј мултипликатор е низок и реалокација на средствата кон трошења со висок мултипликатор.

Фискалната консолидација е неопходна и на приходната страна на буџетот, првенствено преку проширување на даночната основа во услови на непроменети даночни стапки. Тоа подразбира фокусирани напори за намалување на сивата економија, согласно Стратегијата за формализирање на неформалната економија, 2018-2022, која иако не е во директна надлежност на Министерот за финансии, подразбира меѓуресорски координиран пристап со важна улога за ова министерство. Понатаму од борбата со сивата економија, Министерот за финансии ќе мора да предложи ревидиран систем за оданочување на доходот на граѓаните и компаниите, најдоцна до крајот на мандатот. Оваа обврска се наметнува по неуспешниот обид за прогресивно оданочување на доходот во 2019, поради малите ефекти врз доходната еднаквост (во услови на нејзино подобрување, види график) и непосакуваните ефекти на даночно избегнување (види Студија за политиките 24: Добар или лош данок? Оценка на раните ефекти од прогресивниот и повисок данок на доход во Северна Македонија). Finance Think го повикува Министерот да отпочне широка дебата и консултации за ова прашање со сите засегнати страни уште од почетокот на својот мандат, а решението да произлезе низ консензуален процес, со јасна проекција на очекуваните исходи за буџетските приходи и распоредот на доходот на домаќинствата, притоа ставајќи го домаќинството наместо индивидуата во центарот на новиот систем.

Расходната страна на буџетот е тесно поврзана со реализацијата на капиталните расходи. Во периодот јуни 2017 – март 2020, Владата не понуди решение за забрзување на извршувањето на капиталните трошења на државата. Finance Think во повеќе наврати (види, на пример, ФТ Коментар бр. 26 на Предлог-Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година, 12 ноември 2019 и ФТ Став бр. 33 за државните капитални инвестиции) укажуваше дека без промена на моделот за планирање, приоритизација и идентификација на тесните грла во извршувањето, како и ex-ante и ex-post анализа на инвестициските проекти низ призмата на нивниот мултипликативен ефект врз економијата, капиталните расходи и понатаму ќе бидат подреализирани, како што и се случи (види график). Оттука, го повикуваме новиот Министер за финансии уште од самиот почеток да се заложи за подготовка на Програма за јавни инвестиции, преку отпочнување широк консултативен процес со сите засегнати страни, и со експлицитно вклучување ex-ante кост-бенефит анализа на предвидените капитални инвестиции.

Се`уште останува релевантна нашата препорака за понатамошно зајакнување на управувањето со јавните финансии, преку имплементација на најавените структурни реформи. На пример, како и во ФТ Став бр. 18 на промената на клучниот носител на економските политики од 1 јуни 2017 и во ФТ Став бр. 39 на промената на клучниот носител на економските политики од 31 август 2019, укажуваме на неопходноста од донесување на Законот за органски буџет и итно отпочнување на постапката за формирање независно експертско тело Фискален совет, придружено со фискални правила, со цел тоа да врши мониторинг врз извршувањето на фискалната политика и, особено, да има влијание врз динамиканата и користењето на јавниот долг. Во еден од клучните стожери на овие политики, планирање и буџетирање, клучните мерки не се исполнети, или заостануваат. 3 од 5 приоритетни цели за подобрување на планирањето и буџетирањето се неисполнети.

ФТ Став бр. 46 за сите економски мерки на Владата сврзани со Ковид-19

Во ФТ Став бр. 43 за навремени мерки за спас на економската активност од 25 март 2020, Finance Think ја повика Влада на Република Северна Македонија за навремени економски мерки, со добра таргетираност, со цел ублажување на ефектите од ширењето на корона-вирусот Ковид-19 врз економската активност. Finance Think повика и на брза реакција со цел обезбедување јасна насока, посветеност и координираност на различните економски ресори.
И покрај тоа што реакцијата не беше доволно брза согласно на иницијалните очекувања, и покрај тоа што Владата корегираше одредени свои решенија во повеќе наврати, како и покрај тоа што не беа презентирани доволни или доволно убедливи информации за опфатот и трошокот на мерките, сепак објавените три пакети економски мерки се целосно во линија со укажувањата и предлозите од Finance Think од 25 март 2020 (види ФТ Став бр. 43), и тоа како што следи:
  1. Спасување на платните исплати на фирмите. Во овој столб укажавме на:
„[потребата од] зачувување на работните места и платите на работниците кои не се во производниот процес поради индуцираната контракција и/или кои имаат драстичен пад на приходите.“ (25 март 2020)
Ова наше барање беше адресирано преку две клучни мерки, и тоа:
  1. Државна помош за фирми со пад во приходите поголем од 30% во април/мај 2020, во износ од 14.500 МКД по вработен за работниците чии плати не надминуваат 39.900 МКД (види Уредба);
  2. Субвенција на половина од износот за социјални придонеси за фирми со пад во приходите поголем од 30% во април/мај 2020, но најмногу до износ на социјални придонеси на половина од просечната плата (види Уредба);
пришто двата вида помош/субвенции се заемно исклучиви, освен за најпогодените сектори од одделите транспорт и угостителство. Според тоа, за сите останати сектори, субвенционирањето на придонесите изгуби значење како мерка.
Во овој столб укажавме и дека:
„Особено е важно да се задржи врската помеѓу работникот и работодавецот (односно да не дојде до откажување на договорот за вработување), што е клучно за побрз излез од економската криза и брзо повторно воспоставување на производството и подигање на побарувачката веднаш по завршувањето на здравствената криза.“ (25 март 2020)
Двете погоре-наведени уредби овозможуваат користење државна помош доколку бројот на работниците во фирмата остане ист во времетраење на користењето на помошта и два месеца по нејзиното завршување, освен во стриктно-определени случаи, за што апелиравме во ФТ Став бр. 45 за овозможување владина помош во услови на отпуштање работници, што Владата веднаш го прифати.
Во овој столб укажавме дека се неопходни и:
„...кредити овозможени и/или гарантирани од Развојна банка на Северна Македонија АД
Ова наше барање беше усвоено преку овозможување неколку (тековни и предвидени) кредитни линии за фирмите, со субвенционирана камата.
***
2. Гарантирање на доходот што може да се додели преку шемите за социјално осигурување. Во овој столб, укажавме:
„...да се суспендираат и/или олабават условите за материјална необезбеденост и за докажување на поседувањето недвижен имот и имотни права при барање социјална помош.“ (25 март 2020)
Ова наше барање беше усвоено, со тоа што условите за материјална обезбеденост беа во значајна мера релаксирани, односно се овозможи да се стекне правото на гарантирана минимална помош ако се поседува стан во кој се живее, автомобил постар од 5 години и градежно земјиште помало од 500 м2, услови кои претходно не важеа, како што е наведено во оваа Уредба и нејзината измена;
„...[да] се овозможи секое лице кое ќе изгуби работа поради коронакризата да може да се стекне со право на паричен надомест во времетраење од најмалку шест или девет месеци.“ (25 март 2020)
Ова наше барање беше усвоено, со тоа што времетраењето се постави на два месеца, како што е наведено во оваа Уредба (се`уште не е публикувана).
Во оваа група мерки на Владата се мерките со кои ќе се исплатат еднократни надоместоци на таргетирани, главно доходно-ранливи, групи граѓани. Овие мерки може да дадат позитивен импулс врз потрошувачката, истовремено дополнително помагајќи го доходот на овие граѓани, но нивниот ефект ќе биде еднократен и, оттука, краткотраен. Дополнително, укажуваме дека сите еднократни мерки треба да се однесуваат само на купување домашни производи, а за мерката „викенд без ДДВ“ да се постави горен лимит со цел да не дојде до нејзина злоупотреба.
***
3. Обезбедување на неопходната ликвидност на буџетот. Во овој столб укажавме на потреба од:
„Посветеност кон строга буџетска консолидација ... преку итен и јасен ребаланс на буџетот.“ (25 март 2020)
Ребалансот на Буџетот беше усвоен на 15 мај 2020, што претставува значајно задоцнување, во контект на потребата ребалансот да ја демонстрира посветеноста на Владата кон кратење на сите непродуктивни трошења и трошења кои изгубија приоритет во контекст на кризната состојба. Finance Think ќе се произнесе со подетална анализа на ребалансот на Буџетот, штом тој стане достапен за јавноста.
„Остатокот потребни средства ... да се обезбедат од странски концесионални кредитори, првенствено поради прогресивното замрзнување на приватните финансиски пазари, што може да значи изгубено време за преговарање без гарантиран позитивен исход.“ (25 март 2020)
Согласно на овие прогнози од 25 март 2020, Владата не обезбеди странско приватно финансирање, додека операцијата со која Народна банка на Република Северна Македонија ги олабави условите за запишување благајнички записи, и со тоа му остави простор на Министерство за финансии да се задолжи кај домашниот банкарски систем во износи поголеми од првично планираните, ја оценуваме за соодветна на новонастанатите услови.
Во останатиот дел, средства беа обезбедени од странски концесионални кредитори, и тоа Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската Унија и сл. Сепак, проценуваме дека потребата од обезбедување понатамошно странско финансирање е особено висока, со цел да го осигура просторот за водење лабава монетарна и фискална политика.
***
4. Мерки кои недостигаат. Сепак, и покрај солидниот капацитет на трите пакети економски мерки за апсорбирање на економските последици од корона-кризата, остануваат неколку клучни области за делување чиј фокус е средниот до долгиот рок, и тоа:
  • Реализацијата на капиталните инвестиции. И покрај најавата за поголем интензитет на нивно извршување, проблемите сврзани со нив од претходните 2-3 години укажуваат дека без системско решение за планирање, приоритизирање, техничка подготовка и ефикасна реализација, интензивирање на капиталните инвестиции ќе биде скоро невозможно во тековниот конктест. Владата пропушти добра шанса во претходната година да го смени моделот на планирање и извршување на капиталните инвестиции.
  • Поддршка на извозно-ориентираните компании. И покрај повисоката претпоставена издржливост на овие компании на шокот од кризата, тие не смеат да бидат надвор од вниманието на носителите на политиките, особено во поглед на нивниот потенцијал преку прилагодувања и брзи преструктуирања да освојат нови пазари кои претходно биле опслужувани од компании лоцирани на подалечни пазари (првенствено во Југоисточна Азија) или да бидат поттик за прилив на нови инвестиции.
***
5. Мерки кои не може да се доведат во директна врска со корона-кризата. Сите мерки кои ја подобруваат конкурентноста на македонската економија се добредојдени и тие може да се важни за среднорочната фаза од заздравувањето. Меѓутоа, нивото ад-хок и директно поврзување со тековната корона-криза, како и наметнување без издржана кост-бенефит анализа и поширока општествена дебата, може да ги отвори прашањата за нивната ефикасност и оправданост на фискалниот трошок.

ФТ Став бр. 45 за овозможување владина помош во услови на отпуштање работници

Владата на Република Северна Македонија усвои Уредба според која условите за користење на мерката за финансиска поддршка на компаниите од 14.500 денари по вработен се унапредуваат со овозможување истовремено искористување на мерката за 50% субвенционирање на социјалните придонеси и со овозможување, под одредени услови, позајмените средства да се претворат во грантови средства. Овие дополнителни услови ќе овозможат понатамошно релаксирање на ликвидносните потреби во услови на економски шок од невидени размери.

Мерката се дополнува и со овозможување компаниите да испуштат одреден процент од работниците, зависно нивната големина, и и понатаму да може да ја искористат мерката, услов кој претходно не постоеше (член 6, став 2). Во нормални услови на работење, флуктуацијата на работната сила е вообичаен процес детерминиран од пазарните услови, и во такви околности отпуштањата се нормален процес. Сепак, моменталните околности се вонредни, а целта на мерките на владата за справување со економските последици од корона-кризата е задржување на работните места, преку обезбедување на ликвидноста во компаниите, односно субвенционирање на нивната кондиција да исплаќаат плати.

Finance Think укажува дека начинот на кој мерката е (ре)дизајнирана отвора простор за нејзина компромитација, во насока на максимизирање на отпуштањето на вработените според дадените максимални лимити на мерката. Ова особено ќе се рефлектира врз работниците на определено работно време.

Затоа, Finance Think апелира мерката да се дообмисли, со допуштање намален број работници по нејзиното користење само во случаи на:

  • пензионирање на работник;
  • смрт на работник;
  • отказ на договорот за вработување од страна на вработениот (член 79 од Законот за работни односи);
  • отказ на договорот за вработување од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски без отказен рок (член 82 од ЗРО, документирано во дисциплинска постапка);
  • спогодбено преземање работник(ци) кај друг работодавач;
  • престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда (член 102 од ЗРО);
  • престанување на важноста на договорот за вработување поради трајна неспособност за работа (член 103 од ЗРО).