Активните мерки на пазарот на труд во Северна Македонија се воведени во 2007 година, со цел справување со високите стапки на невработеност и неактивност. Истите се дел од годишниот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд, што го креира Министерство за труд и социјална политики, а Агенцијата за вработување е задолжена за нивна имплементација.

Главно, активните мерки се поделени во следниве категории:

  • Поддршка за самовработување
  • Поддршка за креирање нови работни места
  • Обуки
  • Практиканство
  • Програма за работно ангажирање
  • Економија на грижа
  • Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции
  • Исплата на младински додаток
  • Втора шанса

 

  1. Поддршка за самовработување

Програмата за самовработување е поддршка наменета за невработените лица за да започнат или да формализираат сопствен бизнис. Мерката обезбедува почетен грант до 615.000 МКД за сите регистрирани лица кои имаат одржлив и позитивно оценет бизнис план.

  1. Поддршка за креирање нови работни места

Програмата за креирање нови работни места има за цел поттикнување на вработувањето на невработените лица во микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации што се занимаваат со економска активност при вршење на дејност. Програмата ги содржи следните мерки:

  • Субвенционирање на плати – мерка за поттикнување на вработувањето на лице кои потешко се вклучуваат на пазарот на труд како долгорочно невработени, млади, корисници на гарантирана минимална помош, самохрани родители, Роми и слично, преку обезбедување 19.000 МКД месечна субвенција на платата за период од 6 месеци.
  • Вработување и раст на правни субјекти – мерка за поддршка во креирање на нови работни места во микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации, преку обезбедување финансиска поддршка до 1.100.000 МКД за отворање нови работни места.
  • Поддршка за вработување на лица со попреченост – микс од мерки за поттикнување на вработувањето на лица со попреченост преку субвенција на платата, адаптација на работното место и нивно работно оспособување преку обуки и менторство.
  1. Обуки

Обуките имаат за цел да ги подобрат вештините и квалификациите на невработените лица за нивна поуспешна интеграција на пазарот на труд.  Во Оперативниот план за 2023 година, предвидена е реализација на следниве обуки:

  • Обука на работно место кај конкретен работодавач со цел стекнување на вештини на невработените лица за извршување на работните задачи во согласност со потребите на работодавачот
  • Обука за стручни квалификации според барањата на работодавачите со цел стекнување стручни квалификации преку обуки спроведени од верификувани обучувачи според барањата на работодавачите.
  • Обука за побарувани занимања со цел е задовочување на потребите од побарувани занимања, социјални услуги и квалификации што водат до „зелени работни места“, е-трговија.
  • Обука за возачи со цел зголемување на вработливоста на невработените лица преку стекнување возачка дозвола за Ц, ЦЕ и Д категорија.
  • Обука за дигитални вештини со цел надградување на знаењата и вештините од областа на информациската технологија.
  1. Практиканство

Програмата има за цел стекнување практични работни знаења и вештини потребни за извршување работни задачи на одредени работни места на невработените млади лица до 29 години, со минимум средно образование, преку обезбедување финансиска поддршка од 11.000 МКД месечно, за период од 3 месеци.

  1. Програма за јавно ангажирање

Програмата обезбедува социјална вклученост на потешко вработливи лица заради стекнување на одредени вештини и нивно постепено вклучување на пазар на труд, преку имплементација на општински проекти од инфраструктура и заштита на животната средина на локално ниво. Програмата обезбедува 600 МКД дневно, за работно ангажирање во соодветни локални проекти, во период од 22 работни денови.

  1. Економија на грижа

Програмата обезбедува вклучување на невработени лица заради стекнување на знаења, вештини и компетенции за обезбедување на услуги на грижа во заедницата и можност за работно ангажирање и вработување како формални даватели на услуги во областа на економијата за грижа, согласно потребите на граѓаните на локално ниво. Во програмата се вклучени следниве мерки:

  • Општинско-корисна работа – микс од мерки за зголемување на вработливоста и вработеноста преку работно ангажирање на невработени лица, насочени кон обезбедување на социјални и здравствени услуги на локално ниво. Мерката обезбедува финансиска поддршка од 13.750 МКД месечно, за вклучување во обука во времетраење од 3 месеци и 13.750 МКД месечно за работно ангажирање во период од 6 до 9 месеци.
  • Обука и вработување на лица за обезбедување услуги на грижа во зедницата – мерка за поддршка на невработени лица за стекнување стручни квалификации и вештини за обезбедување на услуги на грижа во заедницата и поддршка за нивно вработување во областа на економијата за грижа. Мерката обезбедува финансиска поддршка од 11.000 МКД месечно за вклучување во обука во времетраење од 3 месеци и субвенција на бруто плата од 30.780 МКД месечно за ангажирање на лица во период од 10 месеци.
  1. Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции

Програмата обезбедува грант до 660.000 МКД на микро, мали и средни претпријатија со цел да се придонесе кон намалување на невработеноста во земјата преку поттикнување на создавањето на нови работни места и на процесот на зелена трансформација на приватниот сектор преку воведување на зелени производи, услуги, технологии или процеси во претпријатијата.

  1. Исплата на младински додаток

Програмата цели кон поттикнување на вработувањето на млади лица до 23 годишна возраст во производствените дејности, преку обезбедување месечна финансика поддршка од 3.000 МКД месечно.

  1. Втора шанса

Пилот мерка воведена во 2023 година, чија цел е да им се овозможи на невработените лица кои бараат работа со ниски или ирелевантни вештини да завршат средно стручно образование и да добијат формална диплома издадена од државата што не ја стекнале додека биле во вклучени во редовно образование.

 

Услуги за вработување

Освен активните мерки, Агенцијата за вработување преку своите локални Центри за вработување спроведува услуги насочени кон зголемување на вработливоста на невработената работна сила и задоволување на потребите на пазарот на трудот, користејќи индивидуален пристап ориентиран и кон невработените и кон работодавачите. Услугите обично вклучуваат активности за информирање, советување, менторство, кариерно насочување и промоција на достапните мерки до потенцијалните корисници. Поконкретно, Агенцијата за вработување ги обезбедува следните услуги насочени кон невработените лица:

  1. Помош при барање работа – инструмент кој дава услуги поврзани со профилирање и подготовка на Индивидуален план за вработување, кариерно советување, давање информации за условите и барањата на пазарот на трудот, како и информации за постоечките активни мерки. Дополнително, центрите за вработување нудат помош за подготовка на CV и мотивационо писмо, зајакнување на вештините за успешно претставување на интервју за работа, како и едукација за користење на онлајн услугите на АВРМ, и организирање инфо-средби за млади. и други невработени лица.
  2. Професионална ориентација и кариерно советување – активност која им овозможува на невработените лица да развијат вештини за барање работа и планирање и управување со сопствениот кариерен развој, помош при изборот на занимање, обука или вработување, како и дополнителна поддршка во проценката на сопствениот потенцијал.
  3. Мотивациска обука – еднодневна обука за зголемување на информациите и мотивацијата за учество во активните мерки за вработување.
  4. Обука „Подготовка за вработување и работа“ – обука за млади која ги опфаќа следните модули: воведен модул, личен развој, вештини за барање работа, комуникациски вештини, соодветно однесување на работното место, тимска работа и лидерство, безбедност, права и одговорности. на работа и финансиски вештини.
  5. Активирање на невработени Роми и други групи под ризик од социјална исклученост – инструмент кој обезбедува менторство на целната група преку ангажирање локални ментори кои ќе ги мотивираат и редовно ќе ги информираат за можностите за вработување. Услугата користи индивидуален пристап за да ги идентификува знаењата, квалификациите и вештините што ги имаат луѓето, со цел да ги изберат најсоодветните активни мерки.
  6. СИМ – советување и мотивација на корисниците на Гарантирана минимална помош – обезбедување советување, поддршка, мотивација и следење на корисниците на GMA во текот на нивното активирање на пазарот на трудот.

Исто така, АВРСМ обезбедува услуги насочени кон работодавачите, за информирање, советување и давање можности за користење на услугите и мерките, користење на електронските услуги на агенцијата, информации и совети од областа на трудовото законодавство, учество на заеднички настани како форуми на работодавачи, посредување при наоѓање на соодветен кандидат за нивните слободни позиции итн.