Finance Think ја публикуваше студијата „Предуслови за мобилност на работната сила при регионална економска интеграција: Предности и недостатоци од македонска перспектива“.

Целта на оваа студија е да се процени потенцијалот за мобилност на работната сила при подлабока регионална економска интеграција, преку квантитативна анализа на јазовите во занимањата и платите, од перспектива на Северна Македонија. Главниот наод од студијата е дека подлабокото регионално интегрирање на пазарите на труд во Западниот Балкан носи предности но и закани.

Слободното движење на работниците е едно од начелата на кои се темелат сите претходни и сегашни иницијативи за регионална економска интеграција на Западниот Балкан, и може да биде од значаен интерес со оглед на недостигот на работници и вештини со кои се соочуваат овие земји. Сепак, дали и во која мера економската интеграција помеѓу Западен Балкан може да ги пополни овие празнини, најмногу зависи од два аспекти: 1) моменталната состојба на пазарот на труд во поглед на вештините и занимањата што се бараат и нудат и 2) разликата во платите помеѓу земјите што се интегрираат.

Резултатите од студијата покажуваат дека на македонскиот пазар на труд, од една страна, постои вишок на работници кај професиите со повисоки квалификации, со исклучок на работниците од информатичко-телекомуникациски дејности, достигнувајќи максимум во образовните (педагошките) занимања, каде на едно слободно работно место има до 71 невработено лице. Од друга страна, за шест од осум занимања со пониски квалификации недостигаат работници, што е особено изразено за услужните и основните работници. Последново е поврзано и со фактот дека речиси 60% од регистрираните невработени лица се без одредено занимање, со ниско или без образование. Оттука, подлабоката регионална интеграција на пазарот на труд може да поттикне мобилност која ќе го зголеми достапниот сет вештини на пазарот, а за лицата во суфицитарните занимања со повисоки вештини ќе понуди повеќе можности за вработување и заработка.

Резултатите понатаму се фокусираат на разликите во платите меѓу Северна Македонија и Србија, со оглед дека повисоките плати се една од главните причини за мобилност на трудот. Пресметките покажаа дека во соседна Србија премијата за плата во однос на Северна Македонија е многу мала, речиси незначителна и, оттука, нема да предизвика значајна мобилност на македонските работници. Сепак, за секторите кои се од сезонска природа и имаат циклична потреба од работници, може да се појават значајни разлики во платите. Со оглед дека занимањата со пониски вештини се истовремено и дефицитарни на македонскиот пазар на труд, подлабоката регионална интеграција може да доведе до продлабочување на недостигот од вакви работници.

Иако регионалната економска интеграција има свои предности во поглед на мобилноста на работната сила, поважно е да се направат структурни реформи во домашната економија, со цел намалување на разликите во понудата и побарувачката на работна сила и задоволување на потребите на пазарот на труд, пред се’ со домашни работници. За таа цел, нашите препораки се во насока на приспособување на политиките на пазарот на труд за да се спречи зголемувањето на работниците во суфицитарните занимања, и креирање образовни политики со цел насочување на работници во дефицитарните занимања.

Генерално, регионалната економска интеграција која што се темели на четирите основни начела за слободен проток на капитал, стоки, услуги и луѓе, им помага на земјите да ги надминат ограничувањата на економскиот раст создадени од лошата инфраструктура, неефикасните политики, географската припадност и демографските промени. Слободното движење на работниците е една од клучните слободи на регионалната економска интеграција која ја зголемува мобилноста на работната сила регионално и/или на меѓународно ниво, во потрага по пристап до пазарот на трудот во земјата на иселување. Според последните податоци, речиси 162 милиони луѓе се преселиле во друга земја во потрага по вработување, а очекувањата се дека овој тренд ќе продолжи, главно поради јазот во платите меѓу земјите, брзото стареење на работната сила во некои земји и технолошкиот развој што им олеснува на иселениците да останат поврзани со своето семејство.

Recommended Posts