ПЕНЗИСКИОТ СИСТЕМ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Пензискиот систем во Република Северна Македонија е регулиран со Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Права од пензиско и инвалидско осигурување се:

  • право на старосна пензија;
  • право на инвалидска пензија;
  • право на семејна пензија;
  • право на најнизок износ на пензија.
  • право на професионална рехабилитација и права на соодветни парични надоместоци;
  • право на паричен надоместок за телесно оштетување.

MK-MOD Моделот за даноци и надоместоци го користи овој закон за симулирање на пензиите во Македонија. Моделот ги моделира правата 1) до 4).

  1. Старосна пензија

Осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

Старосната пензија се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година. За определување на пензиска основица, покрај месечниот просек на плати, се зема и надоместокот на плати, односно паричниот надоместок во случај на невработеност.

Старосната пензија се утврдува од пензиската основица во проценти определени зависно од должината на пензискиот стаж која за секоја година пензиски стаж изнесува 0,75% (маж), односно 0,86% (жена) од пензиската основица, а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку шест месеци изнесува 0,375 % (маж), односно 0,43% (жена) од пензиската основица.

Најнизок износ на старосната пензија остварена од задолжителното пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност и пензијата остварена од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување не може да изнесува помалку од утврдената просечна плата на сите вработени во Република Македонија во 2002 година, и тоа за:

  • корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 35 години (маж), односно над 30 години (жена), во висина од 41%,
  • корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 25 години (маж), односно над 20 години (жена), во висина од 38% и
  • корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж до 25 години (маж), односно до 20 години (жена), во висина од 35%.

  1. Инвалидска пензија

Инвалидност постои кога кај осигуреникот, поради промена во здравствената состојба која не може да се отстрани со лекување или со медицинска рехабилитација, работната способност е трајно намалена за повеќе од половина во споредба со физички и психички здрав осигуреник со исто или слично образование и способност.

Инвалидноста се утврдува според следниве категории:

  1. категорија I – доколку работната способност на осигуреникот е намалена за повеќе од 80% постои трајно губење на работната способност (општа неспособност за работа) и
  2. категорија II – доколку работната способност на осигуреникот е намалена за повеќе од 50%, а најмногу до 80% (професионална неспособност за работа).

Доколку работната способност на осигуреникот е намалена за 50% во споредба со физички и психички здрав осигуреник со исто или слично образование и способност поради што не може да ги извршува работните задачи со полно работно време, може да работи со скратено работно време или да биде распределен на друга соодветна работа согласно со прописите кои се однесуваат на работните односи и колективниот договор.

Инвалидност може да настане поради болест, повреда надвор од работа, повреда при работа или професионални болести.

Осигуреникот кај кого ќе настане општа неспособност за работа, како и осигуреникот со преостаната работна способност кој поради навршување на одредени години на живот не може со професионална рехабилитација да се оспособи за вршење на друга соодветна работа стекнува право на инвалидска пензија, ако ги исполнува следниве услови:

  • инвалидноста е причинета со повреда на работа или професионална болест – без
  • оглед на должината на пензискиот стаж или
  • инвалидноста е причинета со повреда надвор од работа или со болест под услов пред настанувањето на инвалидноста, односно на денот на престанокот на осигурувањето по настанатата инвалидност да е постар од 45 години живот и да има навршени најмалку 12 години пензиски стаж или
  • инвалидноста е причинета со повреда надвор од работа или со болест, доколку осигуреникот има навршено над 30 до 37 години живот, треба да има пензиски стаж кој му покрива 30% од работниот век, сметајќи го работниот век на полни години, а осигуреникот има навршено над 37 до 45 години живот, треба да има пензиски стаж кој му покрива 40% од работниот век, сметајќи го работниот век на полни години.

Осигуреник кај кого инвалидноста настанала пред навршување на 30 години живот како последица на повреда надвор од работата или болест се здобива со право на ивалидска пензија ако на денот на настанувањето на инвалидноста имал својство на осигуреник и ако:

  • инвалидноста настанала до навршување на 20 години живот, ако имал најмалку шест месеци стаж на осигурување;
  • инвалидноста настанала до навршување на 25 години живот, ако имал најмалку девет месеци стаж на осигурување и
  • инвалидноста настанала до навршување на 30 години живот, ако имал најмалку 12 месеци стаж на осигурување.

Инвалидската пензија во случај на инвалидност причинета со повреда на работа или професионална болест се определува во висина од 80% од пензиската основица за пензија остварена до 2015 година, а инвалидската пензија остварена по 2015 година се определува во проценти дадени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

  1. Семејна пензија

Семејна пензија можат да остварат членовите на семејството:

  • брачниот другар;
  • децата (родени во брак или надвор од брак или посвоени, посиноците кои ги издржувал осигуреникот, внучињата и други деца без родители кои ги издржувал осигуреникот) и
  • родителите (таткото и мајката, очувот и маќеата) и посвоителот, што ги издржувал осигуреникот.

Семејна пензија може да оствари и брачниот другар од разведен брак, ако со судска одлука му е утврдено право на издржување.

Се смета дека внучињата без родители, другите деца без родители и родителите ги издржувал осигуреникот, ако во тој период:

  • не биле во работен однос или не оствариле плата по друг основ;
  • не биле корисници на старосна, инвалидска или семејна пензија;
  • катастарскиот приход од земјоделската дејност по член на потесното, односно
  • поширокото семејство не изнесува годишно повеќе од 25% од просечната плата остварена во Републиката во претходната година и
  • сите други приходи по член на семејството не изнесувале месечно повеќе од 25% од просечната плата остварена во Републиката во претходната година.

Членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија ако умрениот осигуреник:

  • наполнил најмалку пет години стаж на осигурување или најмалку десет години пензиски стаж или
  • ги исполнил условите за старосна или инвалидска пензија или
  • бил корисник на старосна или инвалидска пензија.

Ако смртта на осигуреникот настанала како последица од повреда на работа или од професионална болест, членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија, без оглед на должината на пензискиот стаж на осигуреникот.

Вдовец/вдовица стекнува право на семејна пензија, ако:

  • до смртта на осигуреникот, по кој основ тоа право им припаѓа, лицето наполнило 50 години живот;
  • до смртта на брачниот другар било неспособно за работа или таква неспособност настанала во рок од една година од денот на смртта на брачниот другар;
  • по смртта на брачниот другар останале едно или повеќе деца кои имаат право на семејна пензија по тој брачен другар, а вдовецот/вдовицата ги врши родителските должности спрема тие деца или
  • до смртта на брачниот другар имало наполнети 45 години, кога ќе наполни 50 години живот – или ако во тие години станало неспособно за работа.

Вдовецот/вдовицата кој во текот на користењето на правото по основ на вршење на родителска должност стане неспособно за работа или наполнило 50 години живот трајно го задржува правото на семејна пензија.

Вдовецот/вдовицата кој го загубил/а правото на семејна пензија по основ на вршење на родителска должност по наполнети 45 години живот, стекнува право на семејна пензија кога ќе наполни 50 години живот.

Дете стекнува, односно користи право на семејна пензија:

  • до наполнети 15 години живот, а ако е на школување до наполнети 26 години живот ли
  • ако пред смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија кој го издржувал било неспособно за работа или таквата неспособност настанала во рок од една година од денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија.

Ако школувањето на детето е прекинато поради болест, право на семејна пензија може да се стекне, односно му припаѓа и за време на боледувањето до наполнети 26 години живот, како и над тие години, но најмногу за толку време колку што е изгубено од редовното школување поради болест.

На детето кое го прекинало школувањето заради доброволно отслужување на воениот рок семејната пензија му се исплатува и за тоа време.

Ако во текот на користењето на правото на семејната пензија детето стане неспособно за работа трајно го задржува правото на семејна пензија.

Детето – инвалид има право на семејна пензија по престанокот на работниот однос.

Родителот кого осигуреникот, односно корисник на пензија го издржувал до својата смрт, се стекнува со право на семејна пензија, ако:

  • до смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензијата наполнил 55 години живот и
  • е помлад од 55 години и ако до смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија бил неспособен за работа.

Висината на семејната пензија се определува во процент од основата што ја сочинуваат старосната или инвалидската пензија и тоа 70% за еден член на семејството, а за секој нареден член уште по 10%, но не повеќе од 100% од основицата.

На децата без двајца родители, смејната пензија остварена по едниот родител им се зголемува за дел од пензијата што ја користел или што би ја користел другиот родител, и тоа за:

  • две деца, 20%,
  • три деца, 30% и
  • четири или повеќе деца, 40%.

Кога семејната пензија ја користат три или повеќе членови на семејството, висината на семејната пензија не може да изнесува помалку од 40% од пензиската основица на умрениот осигуреник.

Како основица за определување семејна пензија од осигуреник кој има пензиски стаж помалку од 15 години, а не ги исполнува условите за инвалидска пензија, се зема старосната пензија пресметана за пензиски стаж од 15 години.