Владата на Република Северна Македонија објави дека е постигната согласност со засегнатите страни околу формулата за усогласувањето на висината на пензиите, од сегашното решение за нивно усогласување со порастот на трошоците на живот, на ново решение за усогласување според просекот на порастот на трошоците на живот и порастот на просечната плата. Дополнително, владата определува тримесечен додаток во вкупен износ од 3,000 денари по пензионер, за покривање на зголемените трошоци за електрична енергија.

Finance Think оценува дека ваквото прилагодување е коректно, наспроти претходните изјави за историски-најголеми зголемувања, од две причини: 1) не ја нарушува патеката на стабилизација на ФПИОСМ којашто отпочна по 2019 година, и 2) обезбедува пристојно зачувување на животниот стандард на пензионерите.

Сепак, Finance Think укажува на следното:

  1. Формулата за усогласување 50:50 којашто се предлага сега е истата формула која постоеше во референтниот закон заклучно со 2018 година, поради што таа не претставува новина во системот на пензиското финансирање;
  2. Со измени на референтниот закон во декември 2019 година, се воведе одредба според која при пораст на минималната плата поголем од 15% и на просечна плата поголем од 5%, може да се изврши дополнително усогласување на пензиите во процент не повисок од порастот на просечната плата. Со оглед дека порастот на просечната плата во претходните години надминуваше 5%, овој став овозможуваше адекватно усогласување на пензиите и со порастот на просечната плата. Според тоа, предложената промена е само реформулација на решението за пензиското финансирање кое е и моментално во сила.
  3. Тримесечниот износ од 3,000 денари вкупно, е линеарен за сите пензионери, без разлика на висината на пензија. Иако наменското зголемување е оправдано – заради ублажување на негативните последици од енергетската криза и порастот на цените, сепак тоа е форма на ад-хок зголемување, и евентуални идни вакви наменски зголемувања треба да се рационализираат само кон примателите на пониски пензии.

***

Фондот за ПИОСМ е зависен од централниот буџет. Својот максимум, зависноста го достигна во 2017 година, кога 43% од вкупните расходи за пензии беа покривани од централен буџет. Од 2018 година, дефицитот започна да се намалува како резултат на почитување на правилото за раст на пензиите согласно законски утврдените критериуми, а од следната 2019 и како резултат на реформата со која се променија стапките на социјалните придонеси и заменските стапки.

Усогласувањето на пензиите е значајно за да се зачува животниот стандард на пензионерите, и тоа мора да биде одредено од витални економски парамтри како движењето на цените, платите и БДП. Но, секое ад-хок зголемување на пензиите надвор од економски параметри претставува опасност за дефицитот во пензискиот систем да се зголемува со неодржлива стапка. Доколку продолжеше политиката на големи ад-хок зголемувања на пензиите, дефицитот и понатаму ќе растеше (Графикон 1).

Recommended Posts