Владата го усвои и поднесе до Собранието за усвојување Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година. Со предлогот, даночните приходи се задржуваат на скоро истото ниво како и при иницијалното планирање, додека расходите се зголемуваат за износот на зголемените неданочни приходи, со што вкупниот проектиран буџетски дефицит останува непроменет.

Finance Think останува на ставот изразен во нашиот ФТ Коментар бр. 40 на Предлог-Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година од 19. ноември 2024., дека проектираниот раст на даночните приходи од 12.6%, односно повеќе од двојно повисоко од збирот на проектираната реална стапка на раст на БДП и (ревидираната) стапката на инфлација, е амбициозен. Во оваа насока говори и реализацијата на даночните приходи во првите пет месеци од 2025., која изнесува 37.6% (споредено со пропорционален процент на остварување од 41.7%), слично со остварувањето кај приходите од ДДВ (36.9%), акцизите (34.4%) и увозните давачки (36.6%), а кои претставуваат директен одраз на пулсот на економијата.

Сепак, вредно за обележување е дека неданочните приходи се зголемуваат во износ од 4.2 милијарди денари, кои во значаен дел се остварени од финансискиот резултат на Народната банка, обезбеден преку законски измени порано во текот на 2025. година, со кои се овозможи 85% од финансискиот резултат на Народната банка да се уплаќа во Буџетот на државата.

Со ваквото зголемување на буџетските приходи се овозможи зголемување на буџетските расходи, и тоа најмногу кај платите на јавната администрација (830 милиони денари), стоките и услугите (1.8 милијарди денари) и пензиите (2.5 милијарди денари). Finance Think забележува дека со ова реструктуирање на буџетските расходи неповолно се влијае врз солидно-отпочнатиот процес на фискална консолидација.

  • Прво, зголемувањето на буџетските трошења кои влијаат врз агрегатната потрошувачка има ризичен потенцијал да ја одржи упорноста во растот на цените во текот на целата 2025 и почетокот на 2026 година. Особено загрижувачки е што растот на трошоците за пензиите се искачи на 16.8% во однос на трошокот во 2024 година, имајќи предвид дека и растот од 14.8% при првото проектирање на Буџетот беше висок. Уште во ФТ Коментар бр. 40 на Предлог-Буџетот на Република Северна Македонија за 2025. година укажавме: „Овие две ставки [платите и пензиите, н.з.] се особено значајни бидејќи ја ослабуваат фискалната консолидација и остануваат да бидат одраз на експанзивниот карактер на фискалната политика, и оттука основен извор на инфлациски ризик во 2025 година.“ Овие укажувања и се материјализираа, бидејќи инфлацијата во првите пет месеци од 2025. година изнесува 3.7% и останува високо упорна, и покрај рестриктивната монетарна политика и владините мерки за замрзнување на маржите и цените во сегментот храна. Со зајакнувањето на експанзивноста на фискалната политика, преку ребалансот на Буџетот, упорноста на инфлацијата ќе остане и во следниот период.

 

  • Второ, зголемување на ставката ‘стоки и услуги’, пак, расте со 22.5% во однос на остварувањето од 2024 година, што е големо забрзување на растот кој беше висок и при иницијалното проектирање (14.8%). Имајќи предвид дека оваа ставка е недоволно транспарентна и вклучува, на пример, договори на дело како форма на квази-вработување во јавната администрација, истата крие ризици особено во година на локални избори.

Со ребалансот, капиталните расходи се задржуваат на слично ниво како и при иницијалната проекција од декември 2024, но заклучно со мај 2025 тие се реализирани само со 22.5%. Според тоа, Finance Think предвидува дека извесната материјализација на ризикот од неостварување на даночните приходи со крајот на годината ќе се компензира со потреализацијата на капиталните трошоци, со што годината ќе заврши со проектираниот – или понизок – буџетски дефицит.

Recommended Posts