
Finance Think го поддржува порастот на минималната плата за да го зачува животниот стандард на примателите.
Клучното прашање не е дали минималната плата треба да расте, туку со кое темпо и врз кои економски основи. Непропорционално и значајно зголемување на минималната плата и сите останати плати во економијата без паралелно зголемување на новосоздадената вредност крие неколку ризици.
Првиот ризик е притисокот врз цените. Инфлацијата во месец јануари се сведе на 3.2% на годишно ниво, што е забавување од декемвриската бројка од 4.1%, но сé уште над нивото на инфлација кое се смета за стабилно, и над нивото во Еврозоната од 1.7%, што е важна референца поради фиксниот курс на денарот во однос на еврото.
Упорната инфлација во Северна Македонија е резултат на повеќе фактори, подредени според нивната важност:
- Зголемениот доход во економијата, како последица на високиот реален раст на платите во последните неколку години, во најголема мера последица на хроничниот недостиг од побарувана работна сила на пазарот на труд; како и последица на големиот пораст на пензискиот доход кој во релативно краток период изнесуваше над 30% од просечната пензија (Графикон 1).
Графикон 1 – Динамика на медијалниот доход во економијата

Извор: Сопствени пресметки врз основа на Анкета за приходи и услови на живеење од Државен завод за статистика.
- Особено во втората половина од 2025 и во овој момент, упорната инфлација во најголема мера е последица на притисокот што доаѓа од страната на потрошувачката. Платите – основниот вид доход во економијата – скоро долж целиот период растеа повеќе од растот на продуктивноста, така што во 2024 споредено со 2018, просечната плата е повисока за 79.9%, минималната плата за дури 88%, а продуктивноста за само 49.8% (сите показатели се номинален раст, Графикон 2). Ваквата дивергенција меѓу доходите и продуктивноста е макроекономски неодржлива и директно се преточува во ценовен притисок.
Графикон 2 – Продуктивноста на трудот и платите, годишен раст

Извор: ДЗС.
- Однесувањето на одредени учесници долж синџирот на снабдување, посебно кај потпазарите од храната, што оневозможи олабавувањето на ценовниот притисок од глобалниот пазар на храна брзо и пропорционално да се пренесе во домашната економија. Сепак, вредно е да се напомене дека профитите на компаниите растеа побавно од доходите на населението, што не дава силна поддршка дека поделбата на доходот евентуално во корист на работодавачите е извор на инфлацискиот притисок (Графикон 3). Со други зборови, инфлацијата во моментов не може едноставно и исклучиво да се објасни како „алчност на фирмите“, туку како комбинација на силна побарувачка и структурни пазарни ограничувања.
- Исклучок од ова претставува кризната 2022 година, кога растот на профитите го надмина растот на доходите на населението, укажувајќи дека фирмите го пренесувале глобалниот притисок врз цените на крајните потрошувачи – евентуално и повеќе од пропорционално – што придонело кон акумулација на профити, и што дава поддршка на т.н. „солидарен данок“, кој беше поништен од Уставниот суд; како и целосна поддршка на спроведувањето на Законот за нефер трговски практики и следењето евентуални антиконкурентски однесувања од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Графикон 3 – Профитите на фирмите и доходот на работниците, годишен раст

Извор: ДЗС.
- Инфлациските очекувања, во одреден сегмент подигнати и од повеќекратните кратки мерки за замрзнување на цените и маржите кај производите од храна.
Според тоа, потенцијалното значајно и непропорционално зголемување на масата на плати во економијата на краток до среден рок ќе донесе само упорни цени, односно инфлациски притисок кој нема да може лесно да се заузда без особено рестриктивни монетарни и фискални мерки. За социјалниот дијалог особено е важно минималната плата да биде порамнета со создавањето нова вредност во економијата, односно со продуктивноста.
Според моментално расположливите податоци, Северна Македонија има минимална плата (сметано според нејзината куповна моќ) слична или иста со Малта, Словачка, Црна Гора и Бугарија, а повисока продуктивност (повторно, сметано според паритетот на куповна моќ, за да може овие две променливи да се меѓусебно споредливи) само од Црна Гора од овие земји. Од друга страна, Чешка, Латвија и Естонија имаат пониски минимални плати, но повисока продуктивност (Графикон 4).
Графикон 4 – Минималната плата и продуктивноста на Европскиот континент, според паритет на куповната моќ (2025)

Извор: ИЛОСТАТ и Еуростат. Ликсембург и Ирска не се прикажани поради многу висока продуктивност. Земји кои не се прикажани се земји кои немаат законски утврдена минимална плата.
Вториот ризик е нарушувањето на фискалната консолидација. По пандемијата, Северна Македонија следи ограничено темпо на фискална консолидација кое подразбира постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг. Сепак, буџетскиот дефицит е сé уште проектиран над 3% од БДП, а вкупниот јавен долг се доближува и во текот на оваа 2026 година ќе ја премине психолошката граница и фискалното правило од 60% од БДП. Притоа, експертската јавност повикува фискалната консолидација да се гледа не само низ призма на буџетскиот дефицит, туку и преку неопходноста од значајно елиминирање недоволно продуктивни трошења на расходната страна од буџетот.
Една голема расходна ставка е ставката за државна помош односно субвенции. Во периодот 2019-2022, Северна Македонија воведе субвенционирани придонеси за раст на плати во распонот од 600 до 6.000 денари по работник месечно. Оваа субвенција беше втора по големина државна помош по земјоделските субвенции (односно, трета, ако се земе државната помош за Ковид-19 во 2020, видете Графикон 5). Преземањето обврски за државно субвенционирање на платите не само што оневозможува смирување на инфлацискиот притисок, туку е и директен атак врз фискалната консолидација и префрлање на трошокот од приватниот сектор кон сите даночни обврзници, и во таа смисла треба да биде целосно исклучено како можност.
Графикон 5 – Државна помош според видови во 2020 година

Третиот ризик е нарушувањето на пазарот на труд. Во услови на затегнат, но летаргичен пазар на труд (стапка на активност која не се зголемува), голем пораст на минималната плата нема да доведе до зголемување на невработеноста. Ваков евентуален исход е неверојатен, имајќи ја предвид динамиката на пазарот на трудот и поранешни емпириски докази кои потврдуваат дека врската помеѓу минималната плата и отпуштањата во Северна Македонија е најверојатно многу слаба. Но, тоа се должи на фактот што работодавачите потенцијално преземаат други механизми на прилагодување, првенствено деформализација или полуформализација на работните места.
Тоа би значело отсуство на писмен договор за вработување (целосно неформален работник) или осигурување на работникот на помалку работни часови од неговото фактичко работно време и исплата на остатокот преку т.н. плата во плико (делумно неформален работник). Оваа линија на прилагодување во услови на значаен пораст на минималната плата е многу веројатна, имајќи ја предвид тенденцијата на пораст на уделот на неформалните работници во последните неколку квартали (Граифкон 6). Овој тип на прилагодување е особено штетен затоа што ја поткопува и заштитата на работниците и приходната база на државата.
Графикон 6 – Удел на неформалните работници во вкупната вработеност

Извор: ДЗС.
Како заклучок: растот на минималната плата е оправдан од социјален аспект, но мора да биде усогласен со растот на продуктивноста и реалниот капацитет на економијата. Во спротивно, зголемувањето на платите создава упорен инфлациски притисок, го ограничува просторот за фискална консолидација и го зголемува ризикот од деформализација на работните односи. Затоа, клучниот предизвик не е дали минималната плата треба да расте, туку со кое темпо и врз кои економски основи, за да се зачува и куповната моќ на работниците и макроекономската стабилност.
Finance Think препорачува Владата активно да се вклучи во социјалниот дијалов како трета клучна страна и медијатор помеѓу работниците и работодавачите, со аргументирана и базирана-на-докази поддршка. Признавањето на фактичката состојба од сите учесници во социјалниот дијалог е основен предуслов за зачувување и на животниот стандард на работниците и на макроекономската стабилност.




