На актуелни економски теми, Благица Петрески зборува за Сител во „Тема на денот“
Целото видео на линкот.
Интервју за „Тема на денот“
Цитирање: “И темпото на маратонот при финишот битно се забрзува”
Прес клипинг од ФТ Став 63
ФТ Став бр. 63 за можните ефекти од воведувањето царини од страна на САД кон Северна Македонија
ФТ Став бр. 63 за можните ефекти од воведувањето царини од страна на САД кон Северна Македонија
Соединетите Американски Држави воведоа царина од 33% за увозот на македонски производи. Примената на реципрочни трговски политики за зајакнување на економијата и националната безбедност е во фокусот на новата одлука на претседателот Доналд Трамп, со која се воведуваат царини за „заштита на американските работници и индустрија“. Како што е наведено во соопштението од Белата куќа, трговските и економските практики на странските земји довеле до национална криза, со што САД се соочиле со постојан трговски дефицит, ерозија на производствените капацитети и зависност од странски економии. Како резултат на ова, се воведува царина од 10% за сите земји, со повисоки индивидуални царини за оние земји со кои САД имаат најголеми трговски дефицити.
Оваа одлука има значајни импликации врз глобалната трговија и може да предизвика промени во меѓународните економски односи. Во овој став, ги разгледуваме потенцијалните ефекти од воведените царини за македонскиот извоз во САД и за македонската економија воопшто.
Нашата трговија со САД е ограничена, главно поради географската оддалеченост. Во 2024, извозот во САД како удел во вкупниот извоз изнесуваше 1.4%, што е многу мал удел (График 1). Од таа гледна точка, директните ефекти од зголемените царини ќе бидат многу мали.
График 1 – Структура на Македонскиот извоз по земји (2024)
Извор: Сопствени пресметки врз основа на податоци од ДЗС.
Повеќе од половина од извозот кон САД во 2024 се однесувал на групата машини и транспортни уреди (График 2), во кои доминантен дел (две третини, или 38.3% од целиот извоз кон САД) преставува извоз на автобуси и слични моторни возила (График 3). Доколку подетално се погледне Графикот 3, ќе се забележи дека скоро 90% од извозот кон САД во 2024 година е концентриран во 20-тина производи, при што освен автобусите кои имаат доминантно учество, уште неколку производи јасно може да се сврзат со работата на странските фабрики во ТИРЗ-овите. На Графикот, тие се обележани со растер, според нашето наоѓање; нивниот удел во вкупниот извоз кон САД изнесува најмалку 55%, односно околу 0.7% од вкупниот македонски извоз. Оттука, иако вкупниот директен притисок од американските царини за македонскиот извоз е многу мал, поголем дел од него ќе падне врз работата на странските фабрики во земјава.
График 2 – Структура на Македонскиот извоз по групи производи (2024)
Извор: Сопствени пресметки врз основа на податоци од ДЗС.
График 3 – Структура на Македонскиот извоз по производи од царинска тарифа (2024)
Извор: Сопствени пресметки врз основа на податоци од ДЗС.
Сепак, странските фабрики во ТИРЗ-овите се изложени на позначаен индиректен ефект. Тие се дел од глобалните синџири на снабдување, што подразбира дека иако тие извезуваат кон својата фирма-мајка која не е во САД, понатаму фирмата-мајка може да е и изложена кон американскиот пазар. Царините ќе влијаат врз вкупните трошоци на фирмата-мајка, што ќе се одрази и кај нас, во негативни сценарија преку т.н. каскадни ефекти на намалено производство и работни места. На пример, групацијата на најголемата странска фабрика во земјава, Џонсон Мети (околу 12% од вкупните приходи од продажба генерирани во Северна Македонија), има изложеност кон пазарот во Северна Америка од 28%,[1] што претставува значаен удел (График 4). За групациите на останатите фабрики во ТИРЗ-овите нема доволно-расчленети и лесно-достапни податоци, но, на пример, Дрекселмаер (треторангиран странски инвеститор во земјава), известува за 3 од вкупно 59 производни локации кои се наоѓаат во САД, додека Кромберг и Шуберт (второрангиран странски инвеститор) нема значајна изложеност кон САД.
График 4 – Изложеност на Џонсон Мети на американскиот пазар (2024)
Извор: Transforming for growth: Annual Report and Accounts 2024. Johnson Matthey
Конечно, значаен индиректен ефект од воведувањето широкопојасни трговски бариери од страна на САД произлегува од трговската фрагментација и преструктуирање што царините ќе ги извршат на глобалната економска сцена, што ќе предизвика промени во цените, производството и работните места. Анализата „Економските ефекти од царинските предлози на Трамп за Европа“ од септември 2024 пресмета дека наметнатите царини ќе имаат значајни последици за Европската Унија, Велика Британија, Кина и други големи економии во развој. Според анализата, овие царини би можеле да предизвикаат пад на БДП во САД од -0,64% и во Кина од -0,68%, додека за Европската Унија се очекува понизок пад од -0,11%.
Општата царина од 10% се проценува со најштетно влијание за европските економии, а особено за индустриите како што е автомобилската индустрија во Германија. Ова го вклучува и каналот за преструктуирање на тековите на странските инвестиции, бидејќи дел од нив може да бидат пренасочени кон САД, со цел да се избегнат високите давачки, иако ефектот од вакво преструктуирање за Северна Македонија се очекува да биде слаб.
Се проценува дека падот на Германската економија ќе биде посилен од просечниот пад на ниво на Европската Унија, што е значаен наод за земји како Северна Македонија кои се високо-зависни од трговија со Германија. Потоа, најзначајните последици ќе се почувствуваат во автомобилската индустрија, особено за електричните возила (EVs), што е исто така значајно за земји како нашата кои се вклучени во автомобилските синџири на снабдување.
Севкупно, согласно на структурата и поставеноста на нашата економија во однос на трговските и финансиските текови на глобално ниво, се очекува дека ефектот од новововедените царини од САД кон Северна Македонија ќе биде негативен, но главно индиректен. Тоа имплицира дека тој нема да се почувствува веднаш. Прецизниот ефект останува да биде предмет на квантитативни проценки во периодот што следи.
[1] Иако, не постои податок за дистрибуцијата во рамки на континентот.
Работилница – Од статистички податоци до ефективни политики







Finance Think и CREDO од Универзитетот во Дубровник потпишаа Меморандум за соработка
Скопје/Дубровник – Finance Think – Институт за економски истражувања и политики од Скопје и Центарот за истражување на дигиталната трансформација (CREDO) при Универзитетот во Дубровник потпишаа Меморандум за разбирање (MoU) со цел поттикнување на соработката во истражувањата, градењето капацитети и академската размена.
Меморандумот, потпишан на 18 март 2025 година од д-р Благица Петрески, извршна директорка и главна економистка на Finance Think, и проф. д-р Небојша Стојчиќ, основач на CREDO и ректор на Универзитетот во Дубровник, воспоставува рамка за заеднички иницијативи во областа на економијата, јавните политики и дигиталната трансформација.
Како две водечки институции препознаени по својата извонредност во економските истражувања и дигиталната трансформација, ова партнерство ги спојува експертизата на Finance Think во анализа на политики базирани на податоци и економски решенија засновани на докази со напредните истражувања на CREDO во областа на дигиталната трансформација, бизнис иновациите и економската конкурентност.
Според овој договор, двете институции ќе ги здружат силите во неколку клучни области за унапредување на истражувањето и размената на знаење. Особен акцент ќе биде ставен на заедничките истражувачки проекти, каде што Finance Think и CREDO ќе соработуваат на високо-импактни студии во економијата, јавните политики и дигиталната трансформација. Препознавајќи ја важноста на градењето на капацитети, тие ќе дизајнираат и спроведуваат специјализирани програми за обука, работилници и семинари за да ги опремат истражувачите, студентите и професионалците со најсовремени вештини и знаења.
Дополнително, ова партнерство ќе ја зајакне меѓународната соработка преку програмите Erasmus+ и други проекти финансирани од ЕУ, овозможувајќи размена на кадри, заеднички апликации за проекти и координирана имплементација. Двете институции исто така ќе ја постават размената на знаење како приоритет, обезбедувајќи слободен пристап до истражувачките резултати, податоци и академски ресурси за поттикнување на иновациите и зајакнување на нивните академски и истражувачки полиња.
Finance Think и CREDO ќе работат тесно и на академскиот и политичкиот ангажман, преку заедничка организација на конференции, подготовка на заеднички публикации и придонес кон развојот на јавните политики засновани на докази.
“Како водечки истражувачки институт посветен на обликувањето на економските политики преку ригорозна анализа, Finance Think со голем ентузијазам влегува во оваа соработка со CREDO. Заедно ќе го унапредиме истражувањето и градењето на капацитети, со што ќе придонесеме кон економска отпорност, дигитални иновации и одржлив развој во регионот,” изјави д-р Благица Петрески, извршна директорка на Finance Think.
Надоврзувајќи се на ова, проф. д-р Небојша Стојчиќ, ректор на Универзитетот во Дубровник, додаде: “Ова партнерство претставува значаен чекор напред во зајакнувањето на регионалната соработка во економските истражувања и дигиталната трансформација. И Finance Think и CREDO изградиле силна репутација на извонредност, а со комбинирање на нашата експертиза, целиме да создадеме значајно влијание врз политиките и да ја поддржиме академската заедница во нашите полиња.”
Меморандумот стапува на сила веднаш и ќе остане во важност три години, со можност за продолжување. Двете институции се посветени на искористување на своите предности за поттикнување на иновации, извонредност во истражувањата и прекугранична академска соработка.