ФТ Став бр. 66 за движењата кај цените

Според податоците од Државниот завод за статистика, инфлацијата во месец јули 2025 изнесува 4.8% на годишно ниво и 1.1% на месечно ниво. Со тоа, инфлацијата го продолжи забрзувањето коешто беше присутно и во претходните месеци (Слика 1).

Слика 1 – Инфлација според индексот на трошоците на живот

Извор: Државен завод за статистика.

Сепак, прегледот на податоците за движењето на цените на храната (Слика 2), покажува дека движењето на вкупната инфлација не е главно водено од движењата кај цените на храната. Месечниот индекс на цените на храната има не-растечки тренд, којшто не е доволно воочлив поради значајната варијабилност, но е присутен. Варијабилноста произлегува од периодите на замрзнување на цените и/или маржите, во кои месечниот индекс забележува пад, но тој пад е проследен со остар раст веднаш по завршувањето на важноста на мерката. Како што покажавме во Бриф за политиките бр. 71: Има ли ефект од мерките за ограничување на цените на храната?, ефектот од ваквите мерки е краткорочен и реверзибилен, што значи дека намалувањето во текот на важењето на мерката се компензира скоро во целост со раст на цените кој настанува по истекот на мерката. Според тоа, укажавме дека потпирањето врз вакви мерки треба да се напушти.

Слика 2 – Инфлација кај храната според индексот на трошоците на живот

Извор: Државен завод за статистика.

Во склоп на групата храна, најголем годишен раст има кај овошјето (6.3%) и кај рибата и морските плодови (5.6%), додека кај сите останати компоненти растот е посмирен или негативен како кај маслата (-1.5%) и шеќерите (-2.2%) (Слика 3). Кај овошјето, веројатно се работи за помало домашно производство, ако се земе предвид дека во првото полугодие годинава извозот на овошје се намалил за 62% според количински показатели. Од друга страна, увозот пораснал за 13.9% количински и 23.3% вредносно, што укажува дека овошјето од увоз доаѓало по значајно повисоки цени, а условите на домашниот пазар веројатно овозможувале и зголемување на трговските маржи. Состојбата кај зеленчукот е поповолна, бидејќи и домашното производство било поповолно, и увозните цени биле слични како и во споредбениот период. (Види сврзана анализа во нашиот Бриф за политиките бр. 73: Што ни кажуваат маржите на овошјето и зеленчукот на зелените пазари?).

Слика 3 – Годишна инфлација кај компоненти на храната, јули 2025

Извор: Државен завод за статистика.

Оттука, сега, притисокот врз цените не доаѓа од страната на цените на храната, за што говорат уште неколку показатели. Слика 4 ги споредува месечните стапки на инфлација во јули 2025 година и тоа на вкупната инфлација и инфлацијата со исклучени компоненти од храна и енергија. Сликата покажува дека цените на сите останати производи и услуги, освен на храната и енергијата, растеле во јули 2025 година побрзо од порастот кај вкупните цени (кои ги вклучуваат цените на храната и енергијата). Ако се земе предвид дека ценовните притисоци кај енергентите беа надолни, тогаш графиконот потврдува дека притисокот врз вкупните цени не доаѓа ниту од страна на храната.

Сликата понатаму укажува дека кога ќе се исклучи непроцесираната храна, односно: свежо и замрзнато месо, jajцa, риба и морски плодови, овошје и зеленчук, тогаш цените растат помалку (1.4%), отколку кога индексот ја исклучува и процесираната храна (1.9%), која вклучува леб, сирење, масла, процесирано месо, џемови и чоколада. Тоа укажува дека процесираната храна има релативно помал пораст на цените, па кога и таа ќе се исклучи, во индексот остануваат само ставки со повисок пораст на цени (на пр., услуги), што го “зголемува” индексот. Ако се има предвид дека значаен сегмент од процесираната храна доаѓа од увоз, тогаш може да заклучиме дека нема доминантен притисок врз цените кој доаѓа од глобалниот пазар.

Слика 4 – Годишна инфлација со исклучени компоненти од храна и енергија, јули 2025

Извор: Државен завод за статистика.

Каде треба да се бараат причините за релативно високата и перзистентна инфлација?

Слика 5 дава приказ на месечниот раст на компоненти од индексот на трошоците на живот кој надминува 2%, односно кој двојно ја надминува вкупната месечна инфлација. Забележливо, овој раст е евидентен кај цените во рестораните и кафулињата (28%), туристичките аранжмани (26.6%) и услугите за сместување (14.6%), како и кај цените на останати производи и услуги кои имаат релативно пониски стапки. Иако на прв поглед растот кај цените на туристичките аранжмани и сместувањето може да е значајна сезонска флуктуација, овие услуги се на врвот на листата гледано и според годишната промена кај цените (84.1% и 29.8%, соодветно). Оттука, се чини дека сезоната не игра важна улога.

Слика 5 – Компоненти на индексот на трошоците на живот со месечен пораст поголем од два проценти, јули 2025

Извор: Државен завод за статистика.

Според тоа, се чини дека главен двигател на цените во јули 2025, како и во претходните месеци, е интензивираната побарувачка, како и сe’ уште недоволно вкотвените инфлациски очекувања. Слика 6 претставува избрани индикатори за побарувачката. На пример, во првиот квартал годинава, потрошувачката на домаќинствата растеше скоро двојно побрзо од просекот во 2024 година, главно потпомогната од високиот реален раст на платите (8.8% во 2024 и 6.6% во првите пет месеца годинава) и високиот номинален (и реален) раст на пензиите, кои по кумулативниот раст од 5,000 денари месечно за секој пензионер, денес во просек се повисоки за скоро една четвртина во однос на нивото во истиот период лани.

Во однос на реалните плати, вредно е да се обележи дека со исклучок на неколку месеци во 2022 година, нивниот раст остана позитивен (над нивото на инфлацијата) долж целиот изминат период. Сличен е заклучокот и кога се анализира буџетскиот трошок за плати и надоместоци во јавната администрација: тој следеше континуиран годишен раст и во 2024 (10.4%) и во 2025 (6%) (прво полугодие, номинално).

Незанемарливо забрзување на растот е евидентно и кај потрошувачките кредити на населението (на 10% во јуни 2025 во однос на 6% во јуни 2024). Додека, прометот во трговијата со храна, пијалаци и тутун во јуни 2025 забележа експлозивен раст од 22.5%, што е висок раст дури и ако се земе предвид ниската стартна основа во истиот месец лани.

Слика 6 – Индикатори за зајакната побарувачка во економијата

Извор: Државен завод за статистика. Сите прикажани вредности се годишни стапки на промена за наведениот период.

Сумирајќи, притисоците врз цените сè помалку доаѓаат од глобалните пазари или од страната на храната, а сè повеќе се резултат на засилена домашна побарувачка, високи реални доходи и услужен сектор кој ги коригира цените нагоре. Затоа, носителите на политиките треба да се повлечат/воздржат од интервенции кај цените на храната – кои се покажаа како краткотрајни и реверзибилни – и да преминат кон политики што ја стабилизираат побарувачката, ги вкотвуваат инфлациските очекувања и спречуваат прелевање на ценовните зголемувања преку услугите.

Во вакви услови, фискалната политика мора да биде прецизно насочена и дисциплинирана. Наместо широка и скапа поддршка (како, на пример, висок раст на пензиите) што може дополнително да ја поттикне побарувачката, потребно е таргетирање исклучиво кон ранливите групи – домаќинства со ниски примања, самохрани родители и стари лица на кои им се потребни социјални услуги – со мерки што не ја нарушуваат пазарната динамика на цените. Особена внимателност е потребна во предизборен и изборен период.

Истовремено, монетарната политика треба јасно да сигнализира дека борбата со инфлацијата останува врвен приоритет. Во услови кога растот на платите и цените на услугите покажуваат знаци на трајност, инфлацијата станува “леплива”, односно тешко се повлекува, како што е евидентно сега. Затоа, Народната банка мора да биде подготвена да ја задржи или, ако стане потребно, заостри рестриктивната поставеност – бидејќи долгорочната стабилност на цените е клучна за економската доверба и заштита на реалната вредност на приходите на граѓаните.

Како еден графикон го одреди тонот на јавната #дебата❓

📈 Нашиот графикон за куповната моќ на македонската #минимална плата од мај 2025 беше дел од дискусиите на релевантните чинители во Економско-социјалниот совет, како и од парламентарната дебата во текот на неделава.

Finance Think на форумот „Градење инклузивна иднина во проширена ЕУ“

📍 Finance Think учествуваше на Форумот на високо ниво посветен на проширувањето на ЕУ, со учество на Извршната директорка Благица Петрески, како член на Европскиот економски и социјален комитет (EESC) за земјите-кандидати за проширување.
🔵 Форумот, под мотото „Building an Inclusive Future in an Enlarged EU“, се фокусира на улогата на социјалниот дијалог, граѓанското општество и вклученоста на младите во процесот на проширување.

ФТ Став бр. 65 за ребалансот на Буџетот 2025

Владата го усвои и поднесе до Собранието за усвојување Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година. Со предлогот, даночните приходи се задржуваат на скоро истото ниво како и при иницијалното планирање, додека расходите се зголемуваат за износот на зголемените неданочни приходи, со што вкупниот проектиран буџетски дефицит останува непроменет.

Finance Think останува на ставот изразен во нашиот ФТ Коментар бр. 40 на Предлог-Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година од 19. ноември 2024., дека проектираниот раст на даночните приходи од 12.6%, односно повеќе од двојно повисоко од збирот на проектираната реална стапка на раст на БДП и (ревидираната) стапката на инфлација, е амбициозен. Во оваа насока говори и реализацијата на даночните приходи во првите пет месеци од 2025., која изнесува 37.6% (споредено со пропорционален процент на остварување од 41.7%), слично со остварувањето кај приходите од ДДВ (36.9%), акцизите (34.4%) и увозните давачки (36.6%), а кои претставуваат директен одраз на пулсот на економијата.

Сепак, вредно за обележување е дека неданочните приходи се зголемуваат во износ од 4.2 милијарди денари, кои во значаен дел се остварени од финансискиот резултат на Народната банка, обезбеден преку законски измени порано во текот на 2025. година, со кои се овозможи 85% од финансискиот резултат на Народната банка да се уплаќа во Буџетот на државата.

Со ваквото зголемување на буџетските приходи се овозможи зголемување на буџетските расходи, и тоа најмногу кај платите на јавната администрација (830 милиони денари), стоките и услугите (1.8 милијарди денари) и пензиите (2.5 милијарди денари). Finance Think забележува дека со ова реструктуирање на буџетските расходи неповолно се влијае врз солидно-отпочнатиот процес на фискална консолидација.

  • Прво, зголемувањето на буџетските трошења кои влијаат врз агрегатната потрошувачка има ризичен потенцијал да ја одржи упорноста во растот на цените во текот на целата 2025 и почетокот на 2026 година. Особено загрижувачки е што растот на трошоците за пензиите се искачи на 16.8% во однос на трошокот во 2024 година, имајќи предвид дека и растот од 14.8% при првото проектирање на Буџетот беше висок. Уште во ФТ Коментар бр. 40 на Предлог-Буџетот на Република Северна Македонија за 2025. година укажавме: „Овие две ставки [платите и пензиите, н.з.] се особено значајни бидејќи ја ослабуваат фискалната консолидација и остануваат да бидат одраз на експанзивниот карактер на фискалната политика, и оттука основен извор на инфлациски ризик во 2025 година.“ Овие укажувања и се материјализираа, бидејќи инфлацијата во првите пет месеци од 2025. година изнесува 3.7% и останува високо упорна, и покрај рестриктивната монетарна политика и владините мерки за замрзнување на маржите и цените во сегментот храна. Со зајакнувањето на експанзивноста на фискалната политика, преку ребалансот на Буџетот, упорноста на инфлацијата ќе остане и во следниот период.

 

  • Второ, зголемување на ставката ‘стоки и услуги’, пак, расте со 22.5% во однос на остварувањето од 2024 година, што е големо забрзување на растот кој беше висок и при иницијалното проектирање (14.8%). Имајќи предвид дека оваа ставка е недоволно транспарентна и вклучува, на пример, договори на дело како форма на квази-вработување во јавната администрација, истата крие ризици особено во година на локални избори.

Со ребалансот, капиталните расходи се задржуваат на слично ниво како и при иницијалната проекција од декември 2024, но заклучно со мај 2025 тие се реализирани само со 22.5%. Според тоа, Finance Think предвидува дека извесната материјализација на ризикот од неостварување на даночните приходи со крајот на годината ќе се компензира со потреализацијата на капиталните трошоци, со што годината ќе заврши со проектираниот – или понизок – буџетски дефицит.

Finance Think на ОТТ конференцијата во Јоханесбург

🌐 Во тек е OTT Conference 2025 во Јоханесбург, Јужна Африка, 17-19 јуни.
🌍 Глобална конференција посветена на тинк-тенк заедницата, каде се разговара за влијанието на тинк-тенковите врз политики, институции и општества.
Finance Think е дел од оваа меѓународна платформа преку учеството на нашата извршна директорка Благица Петрески.

Благица Петрески на тековни теми во Win-win со Оливера Трајковска

❗Владата во првата година од мандатот покажува умерена динамика на реализирање, а некои од политиките за структурните реформи се директно спротивставени на прокламираната цел.
Што е сработено, кои се ризиците, какви се очекувањата?
Во Вин-Вин со Olivera Trajkovska (Оливера Трајковска) дебатираше нашата @blagica_beba_petreski.
Следењето на владините ветувања е поддржано од Civica Mobilitas.

Меморандум за соработка со Министерството за образование и наука

✒️ Денес, 13 јуни 2025, воспоставивме рамка за #стручна и #аналитичка соработка со Министерство за образование и наука/Ministria e Arsimit dhe e Shkencës.
Соработката ќе се одвива во неколку области:
✅ Подготовка на анализи и предлози за унапредување на образовните политики;
✅ Поддршка во развојот на индикатори и механизми за следење на ефектите од политиките;
✅ Размена на податоци, информации, наоди од истражувања и експертски мислења од заемен интерес;
✅ Организирање настани за јавна промоција и едукација поврзани со образовните предизвици и решенија.

Резултатите од мониторингот на владините ветувања претставени на прес

КОМПАС: Мониторинг на Владините Ветувања 2024–2028
Колкав е прогресот во исполнувањето на Владините ветувања во првата година од мандатот?
📊 Денес ги презентиравме наодите од првата година на следење преку платформата КОМПАС, која ги мапира 139 ветувања во пет области: социо-економија, образование, здравство, млади и родова еднаквост.
🔗 Платформата е достапна тука 👉https://kompas.financethink.mk/
📥 Прочитај го целото соопштение тука 👉https://shorturl.at/Z3JAn

Умерено исполнување на владините ветувања, со големи разлики по сектори

Соопштение за медиуми

КОМПАС: Мониторинг на Владините ветувања (2024-2028)

 

Finance Think, во партнерство во Македонскиот центар за граѓанско образование, Македонското лекарско друштво и Младинскиот образовен форум, ја претставува надградената мониторинг рамка КОМПАС за системско следење на реализацијата на владините ветувања за периодот 2024–2028. Оваа рамка ја надградува претходната верзија која го мапираше економскиот напредок во периодот 2020–2024.

Платформата „КОМПАС“ (https://kompas.financethink.mk) ја следи реализацијата на вкупно 139 ветувања, распоредени во пет приоритетни области: социо-економија, образование, здравство, млади и родова еднаквост.

Вкупен напредок: умерено исполнување со значајни разлики по области

Од вкупните ветувања, досега се целосно реализирани 18 (13%), додека 51 ветување (37%) се во насока на исполнување. Најголем напредок е постигнат во областа на образованието, каде 24% од ветувањата се исполнети, а 70% се во тек. Зад него следат социо-економските политики и политиките за млади, со по 9% реализирани ветувања. Реализацијата во здравство има поумерена динамика, три ветувања се реализирани и 5 во насока на исполнување. Најмал прогрес е забележан во областа на родовата еднаквост, каде што нема ниту едно активно или реализирано ветување (График 1).

График 1: Исполнетост по области

Социо-економски политики: Делумен напредок, но со потенцијални ризици

Од 43 мапирани ветувања, 4 се исполнети, а 12 се во насока на исполнување. Реализираните ветувања вклучуваат: непроменети даночни стапки на личен доход и добивка, неоданочување на реинвестирана добивка и зголемување на пензиите за 5,000 денари. Во насока на исполнување, најголем дел се од областа стабилни финансии кои придонесуваат кон макроекономска стабилност како раст на БДП, контрола на инфлацијата, намалување на јавниот долг и невработеноста, зголемени инвестиции и креирање нови работни места.

Од аспект на исполнетост, иако бројот на целосно исполнети ветувања е релативно мал, мерките кои се во насока на исполнување се задоволителни. Поголема причина за загриженост се ветувањата чие исполнување се движи во спротивна насока, особено затоа што тие претставуваат клучни структурни реформи. Станува збор за ветувањата поврзани со намалување на буџетскиот дефицит под 3% од БДП, намалување на сивата економија, зголемување на продуктивноста, поддршка на извозот и умерен пораст на платите во јавниот сектор.

Дополнителен предизвик претставува усогласеноста на владините приоритети со реалните потреби и очекувања на граѓаните. Според последното истражување „Што е клучно за подобрување на квалитетот на живот?“, граѓаните идентификуваат дека услугите за грижа на стари лица и деца старски домови и детски градинки), се оценети како недоволно достапни, а често и скапи. Додека квалитетот на патната инфраструктура и јавниот транспорт се оценети со најлош квалитет. Истовремено, највисока поддршка добиваат ветувањата за отворање нови работни места, капитални инвестиции и проширување на капацитетите за детска грижа. Од друга страна, поддршката за зголемување на платите во јавната администрација е ниска, дури и со голем процент на негативен став по однос на зголемувањето на платите, а зголемувањето од 16,8% во 2024 е дури и над даденото ветување за пораст согласно растот на економијата.

Во наредниот период, неопходно е да се задржи фокусот врз ветувањата чие исполнување е веќе започнато, со цел тие да се довршат во разумен рок. Особено внимание треба да се посвети на ветувањата чие реализирање започна позитивно до крајот на 2024 година, но покажуваат ризици од отстапување во првиот квартал на 2025 – како што се стапката на инфлација и поголема наплата на средства во државниот буџет, како и подоброто усогласување на владините приоритети со очекувањата и реалните потреби на граѓаните.

Образование: највисок степен на реализација

Од 37 мапирани ветувања, исполнети се 9, а 26 се во насока на исполнување, што укажува на силна динамика на активностите. Ветувањата кои се реализирани или се во насока на исполнување вклучуваат зголемување на буџетот за образование (на 3.79% од БДП), ревизија на Концепцијата за основно образование, поддршка за успешни училишта, како и проширување на мерките за образовна инклузија. Иако е направен почетен чекор во реформата на високото образование, реализацијата на ветувањата во овој сегмент останува најслаба. Одредени ветувања, како воведување СТЕМ концепт и отворање центар за обука на наставници, сè уште не се реализирани или отпочнати. Дел од ветувањата не се транспонирани во стратешките документи на МОН, ниту се ревидирани и преформулирани во насока да соодветствуваат на тековните политики на МОН што укажува на потреба од поголема усогласеност меѓу Владината програма и реалните капацитети на системот. Сепак, воспоставувањето индикатори за следење на имплементацијата е позитивен чекор кон поефикасен мониторинг.

Здравство: ограничен напредок со важни почетоци

Од 31 ветување, реализирани се 3, а 5 се во насока на исполнување. Тие вклучуваат: зголемување на капитацискиот бод за лекарите од примарната здравствена заштита, укинување на позициите економски директори, како и воведување девет нови генерички лекови на позитивната листа по подолг временски период. Започнат е процесот на вработување на околу 1,018 здравствени работници кои досега беа ангажирани по договор на дело во јавните здравствени установи (ЈЗУ). Иако процесот е во тек, истиот се соочува со одредени административни предизвици кои го забавуваат. Исто така, започнати се и постапките за вработување на приватните специјализанти во јавното здравство. Паралелно се спроведуваат проекти за реновирање на неколку здравствени установи и набавка на нова медицинска опрема за дијагностика и третман во повеќе здравствени центри.

Сепак, предизвиците остануваат значајни: темелна реформа на примарната здравствена заштита и другите нивоа на здравствениот систем, регионализација на болниците, недостиг од здравствен кадар, дигитална трансформација и воспоставување одржлив систем за долготрајна нега.  Дополнително, перцепциите на граѓаните откриваат значајна неусогласеност меѓу очекувањата и реалноста. Граѓаните оценуваат ограничена достапност до специјалистичка здравствена заштита, недоволно квалитетна инфраструктура и високи лични трошоци за лекови и здравствени услуги. Овие наоди укажуваат дека мерките во здравствениот сектор мора да бидат поусогласени со реалните потреби на граѓаните, со акцент на подобрување на пристапноста, квалитетот и финансиската заштита. Целта е да се воспостави модерен, ефикасен и одржлив здравствен систем, со јасни стандарди, подобра инфраструктура и кадровски потенцијал, кој ќе одговори на очекувањата на граѓаните и ќе обезбеди квалитетна здравствена услуга на сите нивоа

Млади: институционален напредок, недоволно спроведување конкретни ветувања

Следени се 15 ветувања, од кои 2 се исполнети, 8 се во насока на исполнување, а 5 не се реализирани. Иако е формирано ново Министерство за социјална политика, демографија и млади, како и Центар за истражување на младински прашања – што претставува значајна институционална новина – најавените конкретни ветувања, како ваучери од 250 евра за електронски уреди за студенти, М-апликација за младински стандард или проектот „Купи куќа за млади“, сè уште не се исполнети.

Од друга страна, започнати се иницијативи за реновирање на студентски домови и зголемена финансиска поддршка за млади земјоделци. Ваквите резултати упатуваат на потребата од јасни рокови, зајакнати институционални капацитети. Исто така, приоритизирањето на мерките треба да се совпаѓа со реалните потребите на граѓаните и младите, како што е поддршката од 80% за подобрување на условите за домување, 63% за мерката „Купи куќа за млади“ и 73% за финансиска поддршка на млади претприемачи, меѓу останатите.

Вкупната акција е поддржана од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Цивика мобилитас е проект на Владата на Швајцарија, кој го спроведуваат МЦМС, НИРАС и ФЦГ. Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.