Finance Think на Годишните средби на ММФ и Светската банка во Маракеш

Нашата Благица Петрески учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка кои годинава се одржуваат во Маракеш, Кралството Мароко, 9-15 октомври 2023.
Недела исполнета со #дебата, #истражувачка инспирација и нови погледи за глобалните и домашните економски #политики.

Во Топ Тема, Благица Петрески зборуваше на актуелни економски теми

📌 Растот на цените беше скоро целосно воден од #надворешни фактори во текот на 2022 година. Меѓутоа, кога тие цени започнаа да бидат во значајна надолна линија … тие падови не се пренесоа соодветно во домашната економија. Во делот на храната, домашните фактори се сведуваат на #здружено дејство на трговците и, некаде, на производителите/преработувачите, во насока на одржување на цените.
📌 Замрзнувањето на цените се покажа неопходно во услови кога пазарите се квази-конкурентски и треба во разумен, фиксен рок да го смири таквото однесување.
📌 Сепак, тука има и домашен сегмент – работната сила, чија цена порасна во меѓувреме. Според наша неодамнешна анализа, главен притисок врз цената на трудот врши недостигот на кадар на пазарот, а втор фактор е минималната плата.
📌 Ние како Finance Think бевме први уште од почетокот на годинава укажувајќи на вакви тенденции на здружување со цел одржување на цените, и уште тогаш повикавме да се вклучи и Антимонополската комисија, согласно своите надлежности, меѓутоа да има проактивен пристап.
📌 Севкупно, дизајнот на мерки треба да биде системски дизајниран и таргетиран.

Подлабокото регионално интегрирање на пазарите на труд носи предности но и закани

Finance Think ја публикуваше студијата „Предуслови за мобилност на работната сила при регионална економска интеграција: Предности и недостатоци од македонска перспектива“.

Целта на оваа студија е да се процени потенцијалот за мобилност на работната сила при подлабока регионална економска интеграција, преку квантитативна анализа на јазовите во занимањата и платите, од перспектива на Северна Македонија. Главниот наод од студијата е дека подлабокото регионално интегрирање на пазарите на труд во Западниот Балкан носи предности но и закани.

Слободното движење на работниците е едно од начелата на кои се темелат сите претходни и сегашни иницијативи за регионална економска интеграција на Западниот Балкан, и може да биде од значаен интерес со оглед на недостигот на работници и вештини со кои се соочуваат овие земји. Сепак, дали и во која мера економската интеграција помеѓу Западен Балкан може да ги пополни овие празнини, најмногу зависи од два аспекти: 1) моменталната состојба на пазарот на труд во поглед на вештините и занимањата што се бараат и нудат и 2) разликата во платите помеѓу земјите што се интегрираат.

Резултатите од студијата покажуваат дека на македонскиот пазар на труд, од една страна, постои вишок на работници кај професиите со повисоки квалификации, со исклучок на работниците од информатичко-телекомуникациски дејности, достигнувајќи максимум во образовните (педагошките) занимања, каде на едно слободно работно место има до 71 невработено лице. Од друга страна, за шест од осум занимања со пониски квалификации недостигаат работници, што е особено изразено за услужните и основните работници. Последново е поврзано и со фактот дека речиси 60% од регистрираните невработени лица се без одредено занимање, со ниско или без образование. Оттука, подлабоката регионална интеграција на пазарот на труд може да поттикне мобилност која ќе го зголеми достапниот сет вештини на пазарот, а за лицата во суфицитарните занимања со повисоки вештини ќе понуди повеќе можности за вработување и заработка.

Резултатите понатаму се фокусираат на разликите во платите меѓу Северна Македонија и Србија, со оглед дека повисоките плати се една од главните причини за мобилност на трудот. Пресметките покажаа дека во соседна Србија премијата за плата во однос на Северна Македонија е многу мала, речиси незначителна и, оттука, нема да предизвика значајна мобилност на македонските работници. Сепак, за секторите кои се од сезонска природа и имаат циклична потреба од работници, може да се појават значајни разлики во платите. Со оглед дека занимањата со пониски вештини се истовремено и дефицитарни на македонскиот пазар на труд, подлабоката регионална интеграција може да доведе до продлабочување на недостигот од вакви работници.

Иако регионалната економска интеграција има свои предности во поглед на мобилноста на работната сила, поважно е да се направат структурни реформи во домашната економија, со цел намалување на разликите во понудата и побарувачката на работна сила и задоволување на потребите на пазарот на труд, пред се’ со домашни работници. За таа цел, нашите препораки се во насока на приспособување на политиките на пазарот на труд за да се спречи зголемувањето на работниците во суфицитарните занимања, и креирање образовни политики со цел насочување на работници во дефицитарните занимања.

Генерално, регионалната економска интеграција која што се темели на четирите основни начела за слободен проток на капитал, стоки, услуги и луѓе, им помага на земјите да ги надминат ограничувањата на економскиот раст создадени од лошата инфраструктура, неефикасните политики, географската припадност и демографските промени. Слободното движење на работниците е една од клучните слободи на регионалната економска интеграција која ја зголемува мобилноста на работната сила регионално и/или на меѓународно ниво, во потрага по пристап до пазарот на трудот во земјата на иселување. Според последните податоци, речиси 162 милиони луѓе се преселиле во друга земја во потрага по вработување, а очекувањата се дека овој тренд ќе продолжи, главно поради јазот во платите меѓу земјите, брзото стареење на работната сила во некои земји и технолошкиот развој што им олеснува на иселениците да останат поврзани со своето семејство.

Економските #користи од процесот на пристапување кон ЕУ се најзначајни

Нашата извршна директорка Благица Петрески учествуваше на трибината „Ние сме Европа“, во организација на Secretariat for European Affairs.
Економските #користи од процесот на пристапување кон ЕУ се најзначајни
📌 Секоја влада гледа #краткорочно. Со промената на власта, нови политики, но секогаш само до следните избори. Пристапувањето ќе поддржи долгорочна цел и #визија
📌 Популизмот ги поткопува структурните #реформи. Пристапувањето ќе осигура конзистентна имплементација на реформите во трите столба: образование, здравствена и социјална заштита и институции, ќе ја зајакне конкурентноста и ќе донесе подобар животен стандард
📌 Многу трошиме #непродуктивно. Пристапот до повеќе и поразновидни фондови на патот кон ЕУ ќе осигури и поголем буџет и попродуктивно трошење

Прв дебатен клуб за повеќедимензионалната детска сиромаштија

Денес го одржавме првиот дебатен клуб за идентификување преклопувања во политики, недостатоци, приоритети и заедички цели сврзани со повеќедимензионалната детска сиромаштија.
На клубот учествуваа претставници од секторите социјална заштита, образование и здравство, и од Државен завод за статистика / Enti shtetëror i statistikës.
Клубот го спроведовме во склоп на партнерската акција со UNICEF MK.
Галерија од настанот може да се види тука.

Растот на пензиите повеќе од усогласувањето може да ја зголеми границата за пензионирање

Во интервју за Lokalno, Blagica Beba Petreski зборува за тековни економски теми.
⚠Втората причина за овој наплив на барања за повисоки примања е секако одлуката на #Уставниот суд – и последователниот #молк од страна на Владата – со која се одмрзнаа зголемувањата на платите на избраните и именуваните лица, што доведе до нивен кумулативен раст од 78%. Во моментов не навлегувам во тоа дали одредено ниво на плата е соодветно на тежината на работата и #одговорностите на еден министер, меѓутоа за таков нагол скок на платите просто не беше ни време ни место. Како Finance Think, како и други разумни гласови во општеството, ја повикавме Владата да изнајде #итен и неодложен механизам за воспоставување на првобитната состојба и да отвори #дијалог во рамки на кој ќе се дојде до прифатливо решение за разумен пораст на платите на функционерите.
Повеќе: https://lokalno.mk/petreski-rast-na-penzii-koj-izleguva-nadvor-od-zakonskoto-usoglasuvanje-na-dolg-rok-mozhe-da-ja-zgolemi-granicata-za-penzioniranje/